Премиерот Зоран Заев на Тиранскиот економски форум 3 истакна дека Македонија секогаш била и ќе биде крстосница на многу цивилизации кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома.
„За жал, овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот. Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик. Би сакал да ја искористам приликата и да им се заблагодарам на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои постојано се тука со нас во овој процес, посебно околу помошта која ни беше дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со КОВИД-19“, подвлече Заев.