Бегалецот Никола Груевски утринава беше во судот во Будимпешта, каде што се одлучуваше за неговата екстрадиција. Неговиот стајлинг, со кој што очигледно се обидел да се сокрие од јавноста беше токму она што најмногу ,,бодеше” во очи.
Рацете покриени со палто, за да не се гледаат лисиците, безбол капчето и очилата за сонце кои екс премиерот не ги извади и додека седеше во судницата. Но, наместо наочарите за сонце од германскиот бренд ,,Мајбах” кои се продаваат по цена од 60.000 долари, а со кои папараците го уловија во времето додека беше премиер, на летување во Тел Авив, Израел, Груевски овој пат се одлучил за скромна заштита на очите од сончевите зраци, односно за наочари кои најверојатно не се од познат бренд и немаат никакво лого на нив.
Имено, фотографиите на Никола со луксузните наочари кои чинат цело богатство, беа топ тема во медиумите летото во 2015 година. Јавноста дури и немаше информација дека тој заминал на летување, но набргу откако се појавија фотографиите, од неговиот кабинет излегоа со соопштение дека нивниот лидер е на летување. По летувањето, на новинарско прашање дали навистина ги платил наочарите 60.000 долари, тој одговори дека се работи за голема лага.
-Какви 60.000 долари! Тие наочари ги имам купено за некои 300 до 350 евра! – одговори тогаш Груевски пред камерите.
Потоа, во јавност повеќе не се појави со моделот ,,Дипломат” од брендот ,,Мајбах” кои според искусните оптичари се икона на луксузот и не можат да се купат во ниту една продавница кај нас, туку исклучително во одредени продавници во странство. Сепак, фотографиите беа доволни за да се разниша сликата на скромност за тогашниот премиер. Каде завршија наочарите за сонце кои Груевски очигледно се осмелуваше да ги носи само подалеку од очите на јавноста, нема информација. Дали додека бегал од земјава не стигнал да си ги земе со себе, ги препродал, ги подарил, или пак со новиот имиџ се обидува да прикаже скромност пред властите во Унгарија, останува непознато.
Вики Клинчарова