МВР влезе во Судски совет по обвинувањата на Мицкоски дека се фалсификувани записници за мандатот на Дамева

by fokus

Припадници на МВР попладнево влегоа во Судскиот совет, по наредба на Обвинителството, за да обезбедат два записници.

-Полициски службеници по Наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело, информираа од Обвинителството.

Како што неофицијално дознаваме, постапувањето следува по известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на претседателката Весна Дамева.
Имено, и премиерот Христијан Мицкоски неколку пати ја прозва Дамева за фалсификат на записници.

Неодамна, премиерот од собраниска говорница посочи дека до него стигнале документи за фалсификување на записници од страна на членовите на советот и повика обвинителството да ги истражи овие случаи. И Мицкоски и Антонио Милошоски тврдеа дека на Дамева функцијата и завршува на 5ти декември, а ја обвинија дека таа незаконски сака да си го продолжи мандатот за уште осум месеци колку што беше разрешена од функцијата лани.

Дамева, пак пред неколку дена си поднесе оставка, а како што образложи, тоа го сторил поради притисоци од премиерот.

-Претседателот на Владата токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Заради заштита на угледот на Судскиот совет и во насока на законито постапување, јавно го повикувам Претседателот на Владата на Република Северна Македонија да ги достави доказите веднаш до ОЈО кои како што од собраниската говорница наведе дека ги има, а се однесуваат на фалсификување на записници во Советот, во спротивно сметам дека треба јавно да се извини на Советот. Во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително рече Дамева.

Валентина Вурмо

Поврзани новости