Задоволни сме од тоа како помина дочекот на Новата 2023 година на плоштад во Скопје, снимките од веселата атмосфера доволно кажуваат за расположението на присутните. Ваква убава енергија одамна не сме почувствувале – за ,,Фокус” раскажуваат дел од музичарите кои на 31-ви декември настапија на плоштадот, во склоп на забавната празнична програма.
Иако од Град Скопје не излегоа на прес конференција и не ги соопштија имињата на настапувачите, ниту пак детали околу тоа колку изнесува организацијата, во која спаѓаат хонорари на настапувачите, бина, осветлување и озвучување, јавноста ги дозна имињата на музичарите една недела пред дочекот, откако ,,Фокус” ја објави програмата, која ни ја доставија дел од учесниците.
Ферус, Благица Павловска, Елена Ристеска, момците од Мерак меана, Ристо Самарџиев… беа дел од пејачите кои ги забавуваа присутните.
Набргу по откривањето на музичките учесници, повеќе медиуми објавија дека музичарите нема да добијат хонорари од Град Скопје, кој не бил организатор на настанот, туку тие самоиницијативно решиле да пеат на плоштад, без никаков надоместок.
Дека настапот за дочекот сепак им е платен, за ,,Фокус” потврдува Горјан Стојановски, претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија, но и учесник во програмата, како дел од музичарите од Мерак меана.
-Како што се информирав, во изминатите години никогаш градот не ја плаќа програмата за прославата, туку се финансира преку приватни компании, така е и оваа година.
Искрено ми е жал што ваши колеги шират дезинформации и од неинформираност потенцираат прашања за нешто што години наназад се практикува.
Мене ми беше чудно, бидејќи прв пат од кога сум на чело на ,,ЕСТРАДА” се организира нешто толку големо и сите уметници бевме превозбудени во пресрет на овој голем настан.
Имаше лед екран на кој ги имаше спонзорите во текот на целата вечер, меѓу кои би го истакнал Казино Фламинго – вели Стојановски.
Додава дека организацијата била на ниво, а изборот на изведувачи одличен, на што народот кој бил во недоглед, вратил со преубава енергија.
-Многумина коментираа со гордост во живо и на социјалните медиуми дека сепак можело да има одлична забава и со македонска музика, внимателно одбрана. Ние музичарите сме пресреќни од тоа што го доживеавме на сцена и што прославивме со нашите сограѓани на еден уникатен начин кој верувам долго ќе се памети.
Ако се споредат снимки, појако и со повеќе народ беше само кога настапуваше Дино Мерлин на плоштад – ни изјави музичарот.
Вики Клинчарова