Мотивот за убиството на Вања можеби засекогаш ќе остане мрачна тајна, но тоа не значи спас за злосторниците!

by fokus

Помина точно една година од убиството на 14-годишната Вања, а се уште не мачи помислата како некој воопшто можел да впери пиштол и да пука во невино девојче. Не дека е полесно да се разбере убиство на повозрасен маж, во случајот на Панче, но зошто да посегнат по животот на дете кое воопшто не го познавале? И тоа не да биде убиено при несреќен случај или некаква афектна состојба, туку со целосно сценарио, од грабнување, со врзување на рацете и нозете, лепење на устата, егзекуција и на крај копање на дупка, за да биде сокриено телото.

Ова прашање си го поставував и во 2012 година, кога ги убија четирите момчиња кај Смиљковското Езеро, Александра, Филип, Цветанчо, Кире и малку повозрасниот од нив рибар Борче. И по 12 години се уште го немам одговорот. Очигледно него го имаат само оние кои имаат крв на рацете, монструмите, или подобро речено, умоболните, кои си доделиле некоја „семоќна“ улога, наспроти нас, обичните смртници.

Затоа одговорот на прашањето „зошто“ никогаш нема да го најдеме, но затоа се трага по оној кој го исчекува целокупната јавност, кои се монструмите?
Овој одговор треба да го открие судскиот процес, кој е во тек. Обвинителството е исправено пред ужасно тешка задача, а нималку не им олеснува „експертската“ јавност која има познавања од сите можни области. Нивната теорија на случај е поставена, обвинетите се во судница, а засега сведочењата на сведоците полека го пополнуваат мозаикот. Материјалните докази, кои, ќе бидат презентирани наскоро пак ќе треба ја заокружат приказната. И нормално е дека таа нема да биде целосна, ќе фалат делови, но важно е да се има доволно за да некој заврши на доживотен затвор.

Уште сега е јасно дека најверојатно оружјето никогаш нема да биде најдено, како што тоа беше случај и во „Монструм“. Единствено ако самиот убиец не открие каде го сокрил.
Обвинетите, пак, можат да зборуваат што сакаат. Може да ја кажат вистината, полувистина или да лажат. Конфузијата веќе е направена со нивните различни искази. Но, она што е клучно и што досега има најголема доказна вредност е фактот дека лично обвинетиот Велибор Манев ги носи полицајците до местото каде што е убиен и закопан Панче, а Влатко Кешишев им ја открива болната вистина за закопаното тело на Вања. Двајцата пак посочуваат дека убиецот е Љупчо Палевски -Палчо. Тој пак за убиец го посочи Манев.
Оттука, не е спорно дека за улогите на обвинетите, односно кој го држел пиштолот и пукал, кој ги копал дупките, кој го направил сценариото, допрва ќе се расправа, но она што е важно е дека кругот се стеснува на нив.

Она што паѓа во очи на секое судско рочиште, а не е поврзано со доказите и сведоците, е однесувањето на првообвинетиот Палевски. Неговата опуштеност, ноншалантност, сигурност во себе без ниту за момент да му растрепери гласот, уживањето да си ја придава улогата на полицаец, а не обвинет, отвара нови прашања, кои се надевам ќе ги расчисти неговото психијатриско вештачење.

Единствено се уште е голема задршката околу вмешаноста на таткото на девојчето во мрачното сценарио. По сведочењето на сведоците впечатокот е дека се однесувал чудно и како да знаел што се случува, во делот со киднапирањето на неговата ќерка, но родителскиот инстинкт не ми дава да помислам дека знаел за крвавиот финиш кој следувал. Сепак, доколку обвинителството не презентира докази кои ќе успеат да направат врска меѓу таткото и Палчо, на пример некаква телефонска комуникација, тогаш за него поблиска е ослободителна пресуда. Доколку пак навистина бил вмешан, како што тврди обвинителството, тогаш нему затворската казна ќе му биде најмалиот проблем. Она што ќе му тежи, и ќе му го скратува здивот, е да живее секој нареден ден со сознанието дека учествувал во егзекуцијата на своето чедо.

Мотивот, пак, дека девојчето било убиено од користољубие, добива смисла во судница. Се разоткри дека Палевски имал големи финансиски проблеми. Но, повторно се наметнува нелогичноста, тогаш зошто Вања била убиена само по два часа од грабнувањето, без да се побара откуп?
И повторно се враќаме на почетокот дека одговорот го знаат само монструмите, оние кои учествувале во двојното убиство. Ако решат да раскажат, можеби мозаикот ќе се состави во целост, но и доколку молчат, тоа не го брише фактот дека Вања и Панче биле убиени. На крајот на краиштата и родителите на убиените момчиња никогаш не дознаа зошто се пролеа крвта на нивните деца, но сигурно е дека болката немаше да им се намали и доколку го имаа одговорот.

Ниту една причина или мотив не се доволно логични за да се разбере убиство, особено на дете. Она што е важно е прстот на вина да е вперен кон вистинските виновници и тие остатокот од животот да го поминат зад решетки. Семејството на Вања секогаш ќе тагува по својата малечка, а останатите ќе се молат вакво злодело да не се повтори никогаш!

Валентина ВУРМО

Поврзани новости