Мијалков со имот стекнат во 90-тите и имот од семејниот бизнис гарантирал дека нема да бега

by fokus

Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, ќе се жали на Апелација по денешната одлука на Кривичниот суд да ја одбие неговата гаранција од 10,8 милиони евра, а со која бараше да излезе од “Шутка”.

-По денешната одлука ќе поднесеме жалба до Апелација, за што имаме рок од три дена, ни изјави адвокатот Петар Василев.

Тој вели дека ова најверојатно е најголемата гаранција која била поднесена досега, но сепак била одбиена од судот, иако истата била прифатлива за Обвинителството.

– Понудената гаранција сигурно е најголема досега, и по квалитет и по висината, ни изјави Василев.

Односно Мијалков првично понудил гаранција од 1,5 милиони евра, па потоа 7,5 милиони евра, кои не биле доволни за обвинителството и дале негативно мислење. Потоа гаранцијата се зголемила на 10,8 милиони евра, по што Обвинителството попуштило, односно дало позитивно мислење.

Како што дознава “Фокус” гаранцијата се состои од недвижен имот во сопственост на Мијалков, стекнат во 90-тите години, но и имот од неговиот фамилијарен бизнис.

Сега Апелација е на потег, односно второстепениот суд ќе треба да одлучи дали понудената гаранција е доволна за Мијалков излезе од “Шутка” и да се брани од слобода.

Мијалков пред еден месец беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“.

Инаку засега се уште нема детали од Обвинителствот за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.

За случајот со нелегалното масовно прислушување поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости