Додека животниот пат на Доналд Трамп го одбележаа голем број на афери со убави жени од светот на модата и шоу бизнисот, приватниот живот на претседателскиот кандидат на изборите во САД, Џо Бајден е одбележан со голема трагедија.
Во неговите мемоари ,,Ветувања кои треба да се одржат” се опишани детали од трагедиите и големите загуби со кои се соочил.
-Кога таа се сврте кон мене, можев да ја видам најубавата насмевка и најпрекрасните зелени очи. Таа беше осветлена од патувањето на попладневното сонце, и јас не можев да видам ниту една мана – пишува тој за својата прва сопруга Нелиа Хантер.
Со неа, се венчал во 1966 година, а набргу потоа станале родители на три деца, синот Joseph ,,Beau” се родил 1969 година, наредната година го добиле синот Robert ,,Hunter”, а во 1971 година на свет дошла и ќеркичката Naomi ,,Amy”.
Таа била негова најголема поддршка во кариерата која макотрпно ја градел, а идиличниот живот на семејството го прекинала трагедијата која се случила на 18-ти декември 1972 година.
Додека тој бил на работа во канцеларијата во Вашингтон, Нелиа заедно со трите деца, со автомобилот заминала да купи новогодишна елка и украси. На враќање, во нивниот автомобил удрило товарно возило.
Семејството било извадено од уништениот автомобил и пренесено во болницата во Вилмингтон, а Нелиа и тогаш 13-месечната ќеркичка Ејми биле прогласени за мртви уште при приемот во болницата.
Синовите поминале со полесни повреди, со фрактура на череп и скршена нога.
Како што пишува Бајден во мемоарите, тој ден, додека бил во канцеларијата, му се јавила неговата сестра Валери и му кажала дека се случила мала несреќа. Тој имал лошо претчувство и првото нешто кое го изговорил било – Дали таа е мртва?
По несреќата тој се посветил на синовите. Често ги носел со себе на работа, а голема помош имал и од неговата сестра во одгледувањето на момчињата.
Во 1975 година, неговиот брат го запознал со студентката Џил, а неговите синови биле тие кои го притискале да ја запроси.
Се венчале во 1977 година, а Бајден тогаш ја прашал Џил како можела да се венча со него, кога знаела какви чувства има тој за првата сопруга.
-Секој кој може да сака толку длабоко еднаш, може да го направи тоа повторно – му одговорила таа.
-Тогаш сфатив што ми направи љубовта на Џил – пишува Бајден – ми даде дозвола да сакам повторно.
Со сопругата Џил која мајчински се посветила на неговите синови, во 1981 година ја добиле ќерката Ешли.
Сепак, трагедијата повторно удрила во неговото семејство.
Во 2010 година неговиот син Џозеф доживеал мозочен удар, кој му оставил трајни последици. Веќе по три години, состојбата му станувала се полоша, за да на крај му биде дијагностициран мозочен тумор.
По тешката битка со болеста, тој починал во својата 46-та година, во мај 2015 година.
-Мораш да ми ветиш тато, дека што и да се случи, ти ќе бидеш добро – ги опишува Бајден последните зборови на неговиот син.
На првиот изборен ден, тој го посети неговиот гроб, заедно со сопругата Џил.
-Џозеф (Beau) требаше да се кандидира за претседател, не јас. Секое утро, веднаш штом се разбудам, се прашувам – Дали тој е горд на мене? – изјави за американските медиуми претседателскиот кандидат.
Вики Клинчарова