Луковски по втор пат даваше исказ за случајот „Рекет“

by fokus

Жарко Луковски, поранешниот главен извршен директор во „Т-мобиле“, утринава бил во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да даде исказ за случајот „Рекет“, потврдуваат од обвинителството за „Фокус“.

Луковски по втор пат се соочува со обвинителката Вилма Русковска, бидејќи тој веќе еднаш дал исказ, а сега самиот барал да го дополни.

Луковски се споменува во еден од аудио разговорите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“. Боки 13 во разговор со Орце Камчев вели дека Луковски завршил работа за случајот со базните станици – и во СЈО и во Владата.

Луковски е осомничен во случајот „Базни станици“, што го води обвинителката Лиле Стефанова. Сепак, не е точно дека оваа истрага е запрена.

Инаку, Луковски е осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на Бетон АД Скопје, а на штета на акционерите на Т-мобиле, меѓу кои, и државата. Според СЈО, тој во 2011 г. ја злоупотребил службената положба и овластување како главен извршен директор на Т-мобиле, барајќи финансиска понуда од Бетон АД Скопје за легализирање на дивите базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувала соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа за околу 3.000 евра по објект. Од друга страна, Бетон АД Скопје претходно никогаш немала давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното искуство. Сепак, набрзо Бетон ја известил Т-мобиле дека бараната услуга може да ја изврши за тројно повисока цена од онаа за која работата можела да ја заврши стручниот тим на Т-мобиле Македонија.

В.В.

Поврзани новости