Самопрогласената Луганска Народна Република во источна Украина, поддржана од Русија, би можела наскоро да одржи референдум за приклучување кон Русија, најави локалниот сепаратистички лидер Леонид Пасечник, пренесува руската државна новинска агенција РИА.
Инаку, неколку дена пред руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин објави дека ја признава независноста на двата отцепени региони Луганск и Донецк.
Меѓу поважните случувања денеска во Украина е и изјавата на шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, дека Русија се обидува да ја подели земјата на два дела за да создаде регион кој ќе биде под контрола на Москва.
Како што пренесе и новинската агенција Ројтерс, тој во изјавата вели дека „Русија сака да создаде Северна и Јужна Кореја во Украина“, додавајќи дека неговата земја наскоро ќе започне герила војна на територијата окупирана од Русија.
Војната која трае веќе подолго од еден месец сериозно ја загрози и способноста на Украина да извезува жито. Украинскиот министер за земјоделство, Микола Соскиј, изјави дека состојбата со извозот се влошува од ден на ден, а може да се подобри само ако заврши војната со Русија.
Украина е еден од најголемите светски извозници на жито и досега во просек извезуваше 4-5 тони месечно, а сега изворот е паднат на само неколку стотици илјади тони.
И Канада се вклучува во обидот да се надомести недостатокот од руска нафта
Откако ЕУ и САД потпишаа нов договор за испорака на американски гас за европските земји кој треба да го зголеми количеството на извор кон Европа со цел да се стави крај на зависноста од рускиот гас, и Канада најави дека ќе помогне да се надомести потребата од енергенси.
Според најавите од официјални канадски претставници, оваа земја може да обезбеди повеќе нафта, гас и ураниум за да помогне во решавањето на глобалната енергетска криза.
Канадскиот министер за природни ресурси, Џонатан Вилкинсон, изјави дека многу земји се посветени „да помогнат колку што може во однос на надоместувањето на руската нафта и гас“.
Канада, која е четврт најголем производител на нафта во светот, се обврза да извезе дополнителни 200 000 барели нафта.
Од најголемата компанија за гасоводи во земјата „Енбриџ“, за Би-би-си изјавиле дека се подготвени да направат „сè што е можно за да ја зголеми енергетската безбедност и за Северна Америка и за Европа“.