Облак од црн чад, веќе четири недели, се спушта над Куманово, поради што не се дише, особено навечер и рано наутро. Воздухот мириса на изгорени гуми, поради што не можеме да помислиме да отвориме прозорец или пак да излеземе надвор. Ова е реакцијата на кумановски граѓани кои за „Фокус“ посочуваат дека состојбата е алармантна и бараат помош од надлежните институции.
Веќе било утврдено дека загадувањето доаѓа од фабрика на територијата на Србија, која се наоѓа во билизина на македонската граница. Информацијата ја потврдуваат и од Секторот за инспекциски надзор во Куманово, од каде што појаснуваат дека мора итно да се реагира.
-Веќе 3-4 недели во Куманово се чувствува непријатна миризба од запалени гуми. Излеговме на терен со претстатвници од Државниот инспекторат за животна средина, но изворот на загадување не беше најден на територија на градот. Тогаш почнаа да стигнуваат дојави од граѓани од Табановце и вработени во Царина, кои ни презентираа снимки и фотографии од фабриката, во местото викано „Чукарка“, која го врши загадувањето. Станува збор за производство на вар или други производи, за што најверојатно се користи запалена гума. Граѓаните буквално имаат проблем со дишењето, ни изјави Бобан Бојковски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово.
Тој додава дека за проблемот била алармирана и амбасадата на Србија.
-Испративме реакција и до Министерството за животна средина, и до амбасадата на Србија, од каде што добивме повратен одговор дека ќе се реагира. Неколку дена чадот запре, но од синоќа повторно се чувствува непријатниот мирис во воздухот и тоа многу повеќе од претходно, истакнува нашиот соговорник.
Од Министерството за животна среднина ни посочија дека ингеренции за овој проблем имаат во Државниот инспекторат за животна средина, каде што не упатија да побараме повеќе информации.
Од Државниот инспекторат за животна средина пред една недела пак излегоа со информација дека во тек била инспекциска постапка на српските институции во Прешево, кај одредени правни субјекти, по што ќе била испратена официјална информација.
Директорот на инспекторатот, Сретен Стојковски, ни изјави дека не добиле повратен официјален допис од Србија, но дека е добиена информација од амбасадорката дека е излезено на терен и се вршат мерења на загадувањето.
-Бидејќи и самиот живеам во Куманово, повторно непријатната миризба почна во неделата, а од царинските службеници добив информација дека најинтензивно било од 4 до 6.30 часот утрото. Се слушнав со Министерот Нуредини, и побара да му испратам и официјален допис, за да може да реагира до српското министерство за животна средина, вели Стојковски, кој доадва дека и тие како инспекторат, по свои канали, реагираат кај колегите од Србија.
Кумановци бараат итно решевање на проблемот, додавајќи дека не може да бидат жртви на некој моќник од Србија, на кој очигледно му е дозволено слободно да гори гума и да го загрозува животот на граѓаните.
Валентина Вурмо