Од Кривичниот суд информираат дека ќе се обратат до републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да се произнесе кое обвинителство е надлежно за предметите на СЈО, по спорното начелно правно мислење на Врховниот суд. Исто така од Јовески ќе побараат и тој да иницира автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО во Собранието.
Следува соопштението на судот во целост:
Соопштение за заклучоци од Колегиумот на судии и повик за контрола на работата на судот. Колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на седницата одржана на 04.02.2019 година, на која тема на дискусија беше правното мислење на Врховниот суд на Р.Македонија во однос на рокот во кој Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) може да поднесува и презема обвинениа, донесе заклучук да се обрати до Јавниот обвинител на Р.Македонија, Љубомир Јовевски, со барање Јавниот обвинител да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО.
Воедно судот бара Државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Р.Македонија, бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на Законите. Од исклучителна важност за судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките. Во таа смисла е и барањето до Јавниот обвинител во однос на примената на член 17 од ЗКП: Член 17 Начело на акузаторност и официјалност (1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање овластениот тужител.
(2) За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител.
Се до произнесување на Државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој милење даде Врховниот суд на Р.Македонија, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, се со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.