Кој е ,,виновен” за спасот на Мијалков од ,,Трезор”, судот или обвинителството?

by fokus

Обвинетите во случајот ,,Трезор”, меѓу кои и екс директорот на УБК Сашо Мијалков, добија ослободителна пресуда од Кривичниот суд, откако еднаш случајот падна на Апелација и стартуваше по втор пат од почеток.

Клучниот недостаток според судот е тоа што во предметот немало вештачење, за наведената штета од еден милион евра, а според обвинителството пак ваквото вештачење воопшто не било потребно.

-Штетата мора да биде реална, а не претпоставена. Обвинителот не ја докажа штетата, бидејќи нема вештачење. Во ситуација кога отсуствува вештачење во однос на штетата како суштински доказ, судот не може да ја утврди штетата. Пред се станува збор за утврдување на важен факт, а судот не може да се става во улога на вештак, рече судијката Имране Селмани.

Таа се повика на напатствијата дадени од повисокиот суд, бидејќи и Апелација сметаше дека вештачењето е неопходно, поради што ја укина осудителната пресуда.

На повтореното судење, обвинитлот Артан Ајро, побара од судот, како што рече, согласно напатствијата на Апелација, да даде наредба за изготвување на вештачење.

Адвокатите на Мијалков тогаш реагираа дека судот нема такво право, односно потенцираа дека судот може да издаде наредба за изготвување на супервештачење, но тоа е во случај кога веќе имало две спротивставени вештачења.

-Обвинителството можело во фаза на истрага да изготви вештачење, а во случајот не изготвило. Сега не може да го користи судот да ги превземе надлежностите на обвинителството, беше дециден адвокатот Петар Василев.

Ваквиот став, според изречената пресуда, го има и судијката.

-Судот констатира дека е пропуштено дејствието на обвинителот, бидејќи не наредил вештачење иако имал можност на тоа, а судот со поинаква одлука, би ја вршел работата на обвинителството. Судот не е странка, нема теорија на случај, туку треба да расуди и да донесе правична одлука. Барањето да се издаде наредба за вештачење од судот, беше одбиено, бидејќи судот не може да предлага докази. Судот може да нареди само супервештачење“, рече судијката Селмани.

Од обвинителството пак поинаку го толкуваат законот, бидејќи на прашањето на ,,Фокус”, зошто не било изготвено вештачење, одговорија:

-Согласно член 236 од Законот за кривична постапка, јавниот обвинител може да нареди вештачење во текот на претходната постапка, додека на главната расправа тоа е во надлежност на судот. Надлежниот јавен обвинител на главна расправа предложи судот, согласно напатствијата на Апелацискиот суд, да нареди вештачење, но Судот го одби ваквиот предлог, ни одговорија од Обвинителството.

Но она што е клучно, според обвинителството, во овој случај, воопшто не било потребно вештачење.

-Исто така, согласно закон, вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт неопходно треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење, што во овој предмет воопшто не е случај затоа што фактите се утврдуваат со обична математичка операција. По приемот на пресудата, јавниот обвинител ќе го проучи образложението и ќе донесе одлука за евентуална жалба, појаснуваат од Обвинителството.

Предметот „Трезор“, го отвори поранешното СЈО, а се однесуваше на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Според обвинителството, наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата. Пресметана беше штета од
околу еден милион евра.

Со првостепената пресуда, која беше укината од Апелација, Мијалков беше осуден на 8 години затвор, Горан Грујевски на 15 години, а по 5 години добија Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ.

В.В.

Поврзани новости