Кога животот виси на конец

Наместо да млатите празна слама, вложете во здравствениот систем. Новиот клинички центар, кој требаше да го изгради Мурто, а претходно и Курто, одамна остаре. Се урна како кула од карти. Затоа повеќе нема каде.

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога ќе слушнеш животна приказна како она на 37-годишниот Јане од Прилеп, кој цели 20 години е во будна кома, ти се кине душата. Ти се расцепува на уште сто парчиња кога дознаваш дека државата одамна кренала раце од него, но и уште од многумина други што делат иста или слична судбина.

Списокот е предолг. Тука се имињата на Јани, Леонид, Кара, Срна, Никола… Тоа се нечии соседи, другари, роднини, деца.
Животот ги исправил пред тешки здравствени проблеми, а системот, наместо да им биде потпора, ги кутнува пред нив. Не знае да им помогне, ама не дозволува ниту тоа да го стори тој што умее.

Заглавени во здравствените лавиринти, во кои и доколку влезеш здрав, ќе излезеш болен, ја губат сламката за спас.

Парадоксот е во тоа што, и кога стручни лица, лекарите, ќе потпишат дека лекот не е во Македонија, туку надвор, вратата, наместо ширум да им се отвори, им се затвора.

Луѓето се качија на Месечината, но во Фондот за здравство сѐ уште се раководат по бајати правилници и законски решенија, стари повеќе од две децении.
Рехабилитацијата во странство, која може да ве врати од мртвите, не е на товар на Фондот. Лекува, ама македонските власти не ја признаваат како лек. Небаре станува збор за алтернативна и непризнаена медицина.

И прстот на вина не треба да се впери само во Фондот, туку во сите оние кои со години молчат, а требало да иницираат законски измени и нови правилници што живот значат.

Како досега не им текна на пратениците, та не ли се гласот на народот, да ги скинат бирократските синџири замотани околу овие сограѓани? Како им текнува да ги менуваат законите за да се спасат од затвор или за да си ги наполнат џебовите, а не погледнуваат подалеку од носот?

Ако ги отворат очите, ќе го видат Јане! Ќе ги видат и останатите апели за донации потребни за лекување. Родителите се присилени пред целата јавност да го изложат своето чедо, без задршка да ја споделат својата мака и да ја соголат приватноста, за да дојдат до лекот или барем до надеж.

Друго чаре немаат. Сумата потребна за лекување најчесто не можат да ја заработат за три животи, а не во еден, кој едвај го туркаат со обесена хипотека на врат или извршители на глава.
Па, до кога децата ќе ни се лекуваат преку донации и животот ќе им зависи од хуманоста на граѓаните?

И не е точно дека државата нема пари. Има, ама, за жал, не се трошат според приоритетите. Или, како што на времето велеше Ставрески: „Ние сме лудаци, немаме за леб, а трошиме за чоколадо“.

Кажаново важи и денес, не сме се поместиле ни чекор напред за да излеземе од лудилото. Се нема да се спаси човечки живот, ама се има за крадење преку сомнителни набавки и тендери!

Се трупа прескапа медицинска опрема, која наместо да се користи, скапува во подрумите. Кубуриме со медицински кадар, а најдобрите ни бегаат од државата, бидејќи тука никој не ги вработува. Каква небулоза!

Како што стојат работите, ниту за распаднатиот здравствен систем веќе нема лек дома.

Тешко дека ќе се најде и во странство, ако судиме по пропаднатиот обид на странците да ни го „излекуваат“ правосудството. Бидејќи и тие ги лекуваа само последиците од болеста, но не и жариштето.

И да, избори се ближат. Како што го стуткавте членството во редици за да ви се потпише за претседателските кандидати, само за да си ги „измерите“ рејтинзите, таков метеж секој ден е пред скопските клиники.

Нема термини, нема доктори, нема лекови, нема реагенси и апаратура, ама има болни луѓе, кои умираат чекајќи пред вратите. Тоа е кога животот виси на конец, и тоа буквално.

А има решение. Наместо да млатите празна слама, вложете во здравствениот систем. Новиот клинички центар, кој требаше да го изгради Мурто, а претходно и Курто, одамна остаре. Се урна како кула од карти.
Затоа повеќе нема каде. Болеста на системот е одамна дијагностицирана, ама крајно време е да почне да се лекува.

Поврзани новости