Бизнисменот Сеад Кочан денес требаше да се јави на издржување на затворска казна од четири години и осум месеци за предметот „Труст“ на СЈО. Сепак, согласно Законот за извршување на санкции, сè додека нема одлука од судија за извршување на санкции по барањето на Кочан за одложување на издржувањето на затворската казна, неговото заминување во затвор се пролонгира, велат од Кривичниот суд.
Кривичниот совет завчера ја потврди одлуката на судијата од Кривичниот суд за да се одбие барањето на бизнименот за одложување на издржување на казната, а во меѓувреме Кочан поднел друго барање поради болест, по кое Кривичниот суд сè уште не одлучувал.
Кочан се разболе неколку дена пред да треба да оди во затвор. Првата молба за одложување на затворската казна судот му ја одби минатата недела.
Во соопштението на Кривичниот суд не се наведени ниту причините поради кои е поднесена молбата, ниту пак оние поради кои е одбиена.
Сега по поднесената нова молба судијата за извршување на санкции проверува дали наводите кои се напишани во молбата се поткрепени со соодветна медицинска документација и соодветствуваат со фактичката состојба.
Законот за извршување на санкции предвидува неколку точки поради кои осудено лице може да бара одложување на издржувањето на затворската казна.
Членот 89 гласи вака:
(1) На осуденото лице кое се наоѓа на слобода може по негова молба да му се одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:
1) се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности;
2) се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице;
3) одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила;
4) осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета;
5) одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало;
6) заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството;
7) е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и
8) е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.
Извршувањето на казната во случаите од ставот (1) точка 1 на овој член може да се одложи додека трае болеста, односно лекувањето, во случаите од точките 2 до 4 и точката 8 најдолго за три месеца, во случаите од точката 5 до завршување на училишната година и шест месеца за испит, во случаите од точката 6 најдолго за шест месеца, а во случаите од точката 7 до наполнувањето на една година од животот на детето.
(3) Осуденото лице на кое му е одложено издржувањето на казната по основ од ставот (1) точка 1 на овој член, е должно на секои 30 дена да достави веродостоен доказ за неговата здравствена состојба.
Според истиот овој Закон, по одбиената молба осудениот има право да поднесе нова, но секогаш причините кои ги наведува треба да бидат дополнети со нови факти кои не биле опфатени во претходната.
Кочан првично доби затворска казна од шест години, но Апелацискиот суд му ја намали на четири години и осум месеци. Тој е осуден поради манипулации за добивање на тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување на лажна документација.