На шест месеци затвор е осуден Зоран Милевски Кичеец за сообраќајката што ја предизвика кај Стража, потврдија од судот во Гостивар за “Фокус”.
Како што појаснуваат, обвинетиот се спогодил со обвинителството, а судија на претходна постапка денеска ја прифатил спогодбата.
Сообраќајката се случи на 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, а според обвинителството осомничениот Кичеец не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.
-Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван.
Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди, појаснуваа од ОЈО.
Валентина Вурмо