Бизнисменот Орце Камчев и понатаму ќе остане во истражниот затвор “Скопје” бидејќи Кривичниот суд денеска му го продолжи притворот за нови 30 дена.
-Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, донесе решение со кое ја продолжи мерката притвор за лицето Ј.К за 30 дена, поради постоење на околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП, информираат од Кривичниот суд.
Бизнисменот веќе три месеци е во притвор, како осомничен во предметот “Плацевите на Водно”, а сега таму ќе остане уште нови 30 дена.
Претходно, Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.
Кривичниот суд наскоро ќе треба и да го оцени обвинението за “Плацевите на Водно”, кое беше поднесено пред еден месец. Доколку добие зелено светло, тогаш набрзо ќе стартува и судењето.
Освен Камчев, во овој случај осомничен е и екс премиерот Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.
В.В.