Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во број 1299, на 26 август 2020 година.
Пишува: Валентина ВУРМО
Општина Чаир го распиша и третиот оглас со кој бара „јунак“ да ја урне дивоградбата, која речиси преку ноќ никна во центарот на градот, кај трговскиот центар „Мавровка“. Наместо еден милион денари, сега нудат двојно повеќе, над 32.500 евра, со кои треба да се стимулираат фирмите конечно да се соочат со мистериозниот инвеститор и да го урнат бетонското здание. За неколку дена ќе биде познато дали некој конечно се осмелил, но очекувањата и овојпат се дека и третиот оглас ќе пропадне во земја, како и фантомот градител.
Засега околу дивоградбата, распослана на 300 квадратни метри, е тивко, нема градежни машини и работници, но впечатокот е како да чекаат во заседа, односно да добијат зелено светло за да продолжат да градат.
Од Општина Чаир сѐ уште се придржуваат на заветот за молк, кој очигледно го дале, па и понатаму не го откриваат името на градителот, а од обвинителството уверуваа дека активно се работи на откривање на мистеријата, поради што се вклучени и МВР, но и Управата за финансиска полиција.
НЕМА ХЕРОЈ ДА ГО ЗЕМЕ ТОКМАКОТ В РАЦЕ
Додека надлежните молчат, убедувајќи дека работат, сите траги водат кон сопственикот на кафулето „Фонтана“, кој според податоците од Катастар, е и сопственик на парцелата на која се гради.
По мало пребарување на сајтот на Катастар се доаѓа до податок дека сопственик на катастарската парцела 8891/27, на која се чини дека е распослана дивоградбата, е во сопственост на Мевлудин Алити. Сепак, оваа информација со сигурност треба да ја потврдат институциите, бидејќи извори од Општина Чаир велат дека бил направен намерен хаос во поделбата и приватизацијата на парцели, за во вакви случаи да не може да им се фати крајот!
Ако Алити е реалниот сопственик на парцелата, логичен заклучок би било и дека е тој мистериозниот инвеститор. Сепак, не се исклучува можноста некој друг да гради на неговата парцела, но во таков случај се очекуваше Алити да излезе во јавноста или да пријави дека на неговата парцела некој бесправно гради. Зошто, нели, доколку некој гради куќа на вашата нива, нема да молчите, туку веднаш ќе пријавите узурпација. А тука не станува збор за нива, туку за атрактивна парцела.
Градбата почна кон крајот на јуни, кога беше видливо дека се креваат бетонски столбови. На истото место, пак, претходно се наоѓаше кафулето „Фонтана“, кое целосно изгоре во пожар ноќта на 1 мај. Откако се расчисти јагленосаното кафуле, набргу почна да се наѕира и бетонската конструкција.
Градоначалникот Висар Ганиу смируваше дека ништо не е спорно, односно дека не се гради објект, туку се враќа кафулето во провобитна состојба како пред пожарот и за тоа е издадена дозвола. Но, кога градбата зеде замав, градоначалникот призна дека станува збор за дивоградба и се донесе решение за уривање.
Колку и да изгледа неверојатно, градоначалникот Ганиу засега е со „чисти раце“. Тој и општинскиот инспекторат постапуваат, ги издале сите решенија и акти за рушење, но проблемот е што, нели, нема херој што ќе го земе токмакот во раце.
ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТ Е СО ВРЗАНИ РАЦЕ
Засега никој не дава одговор што ќе се случи доколку и на третиот оглас нема заинтересирани фирми, па и на следните што ќе се распишат. Ќе се чека до недоглед?
Затоа прашавме во Државниот градежен инспекторат кога тие би стапиле на сцена, односно дали можат да ѝ стават крај на оваа валкана игра?
Неодамна и скопскиот градоначалник Петре Шилегов им ја префрли топката.
-Останува на Општина Чаир да изнајде начин и модалитет за уривање на дивоградбата, а зошто да не на крајот на денот и Државниот градежен инспекторат да преземе определени активности и ингеренции со кои би дошло до отстранување на тој објект, вели Шилегов.
Од Државниот градежен инспекторат, пак, потсетуваат дека станува збор за објект за кој е надлежна општината, а тие се со врзани раце.
-Станува збор за објект од локално значење, од втора категорија. Државниот инспекторат може да побара да ѝ бидат одземени ингеренциите на општината, со предлог на директорот до министерот за транспорт и врски, но треба да имаме законска основа, односно општината да не постапува. Но, во овој случај, општината ги презела сите дејствија, поради што сме со врзани раце, појаснуваат за „Фокус“ од кабинетот на директорот Локман Љимани.
Се чини дека никој во државата не ја предвидел варијантата дека е можно да се случи да пропадне тендер, и покрај тоа што носи одлична заработувачка, па затоа и нема предвидено излез од таква ситуација. Во „нормално“ време се даваше дебел рушвет за тендери, но очигледно се смениле времињата. Сега можеби плаќаат само да не мораат да уриваат.
Ситуацијата е статус кво. Ниту се гради, ниту се урива.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Алити, но од околните објекти во „Мавровка“ велат дека тој во изминатиот период не доаѓал кај градбата.
Затоа прашавме во обвинителството, дали Алити досега бил повикан на разговор, но од таму не добивме директен одговор.
„Во Основното јавно обвинителство Скопје пристигнати се известувања од МВР во врска со градбата на парцелата во ТЦ „Мавровка“, по кои надлежен јавен обвинител издаде наредба до МВР да достават податоци и документација. Обвинителството очекува да пристигне бараната информација“, ни одговорија од обвинителството.
Како што дознаваме, Алити е недостапен и за МВР, но и за Управата за финансиска полиција. Сепак, извори од Управата уверуваат дека се на добар пат да го расчистат случајот. Посочуваат дека ја откриле градежната фирма што го градела објектот, трагале по Алити, како сопственик на „Фонтана“, но и разговарале со трето лице, кое според нив е носител на сопственоста на парцелата, односно на гаражата и на каскадниот дел.
„Фокус“, пак, веќе објави дека Неби Аљими, кој во јавноста се посочуваше како еден од сопствениците на парцелата, тврди дека нема никаква врска со градбата и дека тој има имотен лист за подземната парцела, но не и онаа на која се гради.
ДЕЛОВНИОТ ОБЈЕКТ БИЛ ПРЕДВИДЕН И ВО НОВИОТ ДУП
И додека сите гатаат кој е инвеститорот, „Фокус“ неколкупати се обиде од Општина Чаир да добие одговор, на кој начин оваа парцела била приватизирана?
Градоначалникот Ганиу не одговара на нашите телефонски повици и пораки, а од одделението за односи за јавноста, иако ни беа ветени одговори, сепак не ги добивме.
Захир Бектеш, претседател на Советот на Општина Чаир, од редовите на ДУИ, вели дека се преземаат активности и дека случајот е во надлежност на извршните органи, поради што и се надева на брза завршница.
Но, на прашањето, кога парцелата била приватизирана, бидејќи за тоа морало да гласа советот, Бектеш не дава прецизен одговор.
-Не можам да кажам конкретно за случајот, но има голем проблем околу преносот на земјиштата, околу имотните листови и слично. Ингеренциите се испреплетени и затоа се јавуваат вакви проблеми, но тоа се случува во целата држава. Се надевам дека оваа власт сега конечно ќе го реши тој проблем, односно околу преносот на земјиштата, ни изјави Бектеш.
Сепак, ситуацијата за „Фокус“ ја појасни доброупатен извор, кој инсистираше на анонимност. Според него, сопственикот на кафулето „Фонтана“ минатата година, според стариот Детален урбанистички план (ДУП), ја легализирал терасата на кафулето, поради што добил и имотен лист.
Според новиот ДУП, кој бил во подготовка, и требало да се донесе за околу шест месеци, наводно била предвидена и маркичка за изградба на деловен објект. Нашиот извор вели дека мистериозниот инвеститор отишол неколку чекори напред, па почнал да гради, а откако ДУП-от ќе бил изгласан, ќе поднесел барање за легализација. Но, работата се изјалови, откако градбата падна в очи на пошироката јавност, иако според нашиот соговорник, на ваков начин никнале многу дивоградби низ главниот град, кои подоцна се легализирале.
Од обвинителството, за „Фокус“, велат дека најпрвин се работи на точно утврдување на идентитетот на инвеститорот, а потоа ќе се разгледа и делот околу начинот на приватизацијата на парцелата.
Новата градба требало да се извиши во трикатница. Наводно, на еден кат било предвидено кафуле, а другите да се користат како хотел. Бизнис-планот ветувал добра заработувачка, но и добри конекции за реализација. Во зависност од конекциите, на крајот и ќе се види дали дивоградбата ќе се урне или, сепак, ќе се легализира во хотел!