Бојан Јовановски е осуден на 9 години затвор, а Катица Јанева на 7 години затвор. Ова е пресудата која денеска во сала на Врховниот суд ја соопшти судијката Васка Николовска- Масевска за случајот “Рекет”.
-Веста дека треба да го судам овој предмет ја примив со тежина, бидејќи пред мене се наоѓаше поранешен обвинител, која самата беше институција. Веста ја примив со тежина и поради притисокот од јавноста, но ја примив и како предизвик и можност, за да се докаже дека правдата е еднаква за сите и дека правдата може и ќе биде задоволна, рече судијката Николовска-Масевска.
Таа додаде дека овој процес бил значителен и по разочарувањето кое го предизвикал во јавноста.
-Судот врз основа на доказите ја утврди фактичката состојба. Обвинетите Јовановски и Јанева се виновни, рече судијката.
Боки 13 беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување. За делото за кое се гонеше Јанева е запретена казна затвор над 3 години, а за двете дела за кои се гонеше Боки 13 е предвидена казна од 1 до 10 години затвор.
Оваа пресуда не е правосилна, што значи дека обвинетите, но и обвинителството, имааат право на жалба пред Апелациониот суд.
Во судница не присуствуваше Јанева, која избра пресудата пореку медиумите да ја слушне од дома, за разлика од Боки 13 кој беше спроведен во судница од истражниот затвор „Скопје“.
Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО.
Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.
В.В.