Околу 25 проценти од жителите на округот Лос Анџелес заразени со новиот коронавирус од мај до 25 јули се целосно вакцинирани лица и тоа е периодот на брзо ширење на многу заразниот вид на делта-сојот, соопштија американските власти.
Тие се повикуваат на податоците објавени во неделниот извештај на американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) кои покажуваат нагло ширење на инфекцијата кај целосно вакцинирани лица.
Целта на истржувањето на ЦДЦ е да утврди дали на Американците им е потребна трета доза од вакцината против ковид-19 за да бидат повеќе заштитени.
Минатата недела, владините научници развија стратегија за ревакцинација, која треба да започне на 20 септември.
Новите податоци објавени во вторникот вклучуваат повеќе од 43.000 пријавени случаи на инфекција кај жителите на округот Лос Анџелес на возраст над 16 години.
Од нив, 30.801 или 71,4 проценти се невакцинирани, 10.895 или 25,3 проценти се целосно вакцинирани, 1.431 или 3,3 проценти се делумно вакцинирани.
ЦДЦ укажува дека хоспитализациите од ковидд-19 значително се зголемени, особено меѓу невакцинираните лица.
Според ЦДЦ, целосно вакцинираните лица над 16-годишна возраст имале помали шанси од невакцинираните лица да се хоспитализираат, да бидат примени на одделение за интензивна нега, да бараат механичка вентилација или да починат од ковид-19.
За време на викендот, здравствените власти во округот објавија статистика со цел да ги поттикнат луѓето да се вакцинираат против ковид.
Од 7 август, невакцинираните возрасни лица меѓу 18 и 49 години имале 25 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани отколку вакцинираните возрасни на иста возраст.
Во меѓувреме, невакцинираните возрасни лица над 50 -годишна возраст имале десетина пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани отколку нивните колеги вакцинирани, и 17 пати поголема веројатност да починат.