Илиев: И порано се случувало да се преотворат случаи, наместо да се изрече пресуда

by fokus

И во минатото се случувало наместо да се донесе пресуда, да се одлучи случајот да се преотвори, односно да се повтори судењето. Ова за „Фокус“ го појаснува поранешниот судија и претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, откако денеска во Кривичниот суд, наместо да биде соопштена пресудата за случајот „Тортура“, судечкиот совет одлучи случајот да се преотвори.

-Се случувало и порано, но не многу често, наместо да се донесе одлука да се одлучи за повторување на постапката и тоа го дозволува ЗКП. Кога советот се повлекува да донесе одлука, пред сите да гласаат, се констатира дали се е расчистено. Доколку не е, тогаш се одлучува за преотворање, ни изјави поранешниот судија Илиев.

Тој вели дека обвинителот ќе треба да добие насоки од судот, потенцирајќи дека нема да се изведуваат старите докази, туку доколку има нови кои би придонеле за расчистување на она што не е јасно.

Судијката Александра Ристеска денеска појасни дека едногласно одлучиле да донесат ваква одлука бидејќи за судот е неспорно дека се случил настанот, но во целост не е јасно кој од обвинетите кои дејствија ги презел и со колкав интензитет.

-За судот неспорно е дека се случил одреден настан, но во целост не е јасно кој од обвинетите кое дејствие на извршување го презел или каков е тој битен придонес кон извршување на делото имајќи ја предвид правната квалификација на законското битие на кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите како соизвршители.
Исто така, нејасен е каузалитетот меѓу преземените дејствија и настаната последица односно кое дејствие е каузално кон извршување на кривичното дело и настапување на последиците, рече Ристеска.

Таа се повика на членот 397 став 1 од Законот за кривична постапка (ЗКП).

„Ако судот во текот на советувањето не најде дека треба повторно да се отвори главна расправа заради дополнување на постапката или разјаснување на одделни прашања, ќе изрече пресуда“.

По ваквата одлука обвинителот Љубомир Лапе истакна дека е затекнат, и дека не наишол на ваква пракса, ообено по примената на новиот ЗКП, а адвокатот Љупчо Шврговки пак истакна дека ова не е преседан и се случувало и во минатото.

Предметот го отвори поранешното СЈО, а се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори. Обвинети се екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и шестмина припадници на поранешната единица „алфи“.

Валентина Вурмо

Поврзани новости