Апелациониот суд даде зелено светло за првостепената пресуда за случајот „Насилството во Центар“, односно ја потврди пресудата, со што стана правосилна.
-Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О.Центар“, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка – Условна осуда, информираат од Кривичниот суд.
Овој случај го отвори згаснатото СЈО, а според првостепената пресуда обвинетите беа прогласени за виновни. Поранешниот премиер Никола Груевски доби казна од 1 година и шест месеци, а останатите меѓу кои и екс министерот Миле Јанакиески беа осудени на условни казни.
Овој случај беше отворен за насилството што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи рушење на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“ како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.