Прилепскиот градоначалник Маријан Ристески е осуден на условна затворска казна од три месеци, објави сајтот Публикум.
Порталот пишува дека Ристески е осуден по кривичните пријави кои против него ги поднесе адвокатот Жарко Стеваноски за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“.
Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен на име надомест на штета на ЕЛС Општина Прилеп да ѝ исплати 238.750,00 денари.
Градоначалникот Ристески е прогласен за виновен затоа што во периодот од 18.07.2015 година па до 06.10.2016 година како службено и одговорно лице во ЕЛС Општина Прилеп, со несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на ЕЛС Општина Прилеп. Со тоа, градоначалникот Ристески на Општина Прилеп ѝ нанесол штета во износ од 238.750,00 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година, објави Публикум.
Против градоначалникот Марјан Ристески, адвокатот Жарко Стеваноски има поднесено 5 кривични пријави со кои градоначалникот се сомничи дека сторил кривични дела поврзани со „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „Злоупотреба на постапките за јавни набавки“.