Голем срам и грев е да исчезне урната на Стево Теодосиевски, Спасовски да се потруди виновниците да одговараат за грабежот – апелира Симеон Атанасов

by fokus
Ова е невиден срам и голем грев и по не знам веќе кој пат апелирам до МВР и сите надлежни служби да превземат нешто. Грев е ова што се прави по смртта на легендарната Есма, а никој нема изразено желба конечно да стави крај на оваа агонија – за „Фокус” раскажува Симеон Атанасов, едно од децата кои ги одгледа Есма Реџепова – Теодосиевска, но и човекот кој беше покрај неа до крајот на животот и се грижеше за нејзината музичка кариера.
Атанасов тврди дека целиот стилски мебел кој што пред околу две години мистериозно исчезна од нејзиниот дом на Кале, моментално се наоѓа кај семејствата Реџепови и Ќазим, односно кај внуците од сестри и браќа на Есма.
Тие објавувале фотографии од скапите маси и гарнитури на социјалните мрежи и Симеон апелира МВР да ги посети во нивните домови и да го врати мебелот назад, бидејќи според тестаментот, тој требало да остане во куќата, за која Есма оставила аманет еден ден да стане музеј.
-Ги гледам гарнитурата која што Есма ја плати 5.000 евра, фотељата купена од аукција за 2.000 евра, уметничките слики од непроценлива вредност, сето тоа го има на фотографии направени во домовите на нејзините внуци. Никој не ја испочитува нејзината желба, ниту пак ги испочитуваа тестаментите кои таа ги остави. Убаво стои, куќата и сите вредни предмети остануваат на државата, односно на Министерството за култура, авторските права ми ги остава мене. Јас лично никогаш не сум сакал ништо, значи апсолутно ништо материјално од нејзиниот дом, тешко ми е што се оди против нејзината воља, а никој од надлежните служби не реагира – појаснува Симеон.
Вели дека Зорана Костовска која е на чело на здружението „Есма Реџепова” уште пред две години пријавила во полиција, но ништо не се превзело. Прашува каде се сите дипломи, благодарници, аудио и видео материјали, музички инструменти, вредни уметнички дела.
-Имам отворено прашање до МВР и до првиот човек, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дали воопшто знаат каде е урната на татко ми Стево Теодосиевски? И урната ја нема, што е еден голем грев, нешто невидено во светот до сега, да исчезне нечија урна. Со години ја чувавме во бел порцелански сад во неговата канцеларија, за време на празници и годишнини таму му палевме свеќи, ако уште ја чуваат, нека ја вратат! Нека го истражи тоа полицијата, нека оди во нивните домови и да види дека таму е целиот вреден мебел. Ако ништо друго, има камери во Музејот за современа уметност, нека ги проверат… Однесен е државен имот, ме интересира дали воопшто се води некаков предмет за ова и до каде е истрагата. Барам сите вмешани во грабежот да одговараат – раскажува Атанасов.
Додава дека за политиката во никој случај нема место во целата оваа драма, бидејќи Есма сепак секогаш била дел од народот и се што имала оставила на нашата земја, а не на некоја политичка партија.
-Музејот треба да биде посветен на народот, а не на било која политичка партија. Затоа, државата конечно да го реши целиот случај, бидејќи се што се создаваше со години наназад, сега е разграбано на сите страни. Грев е, но истовремено и голем срам за сите. Ете, јас јавно им посочувам каде е мебелот, го имам истиот на фотографии направени уште во времето кога Есма беше жива, што повеќе треба? Кому освен на нејзините внуци му одговара оваа ситуација? И стојам на располагање на полицијата за се што ја интересира во врска со случајот, очекувам да ме побараат, да се дојде до разврска, за да можат Есма и Стево да почиваат во мир, а со тоа и ние, децата кои не одгледа и ни остави аманет, да си го најдеме мирот – изјави Атанасов.
В.К.

Поврзани новости