Јавната дебата за последната верзија на законот за јавното обвинителство што се одвива во Собранието, се очекува да даде одговор за решавање на повеќе прашања кои се, како што истакна во своето образложение на текстот министерката за правда Рената Дескоска „камен на сопнување“ помеѓу власта и опозиоцијата и се одолговлекува неговото донесување.
Спорните прашања, според Дескоска, се каква треба да биде улогата на политичките партии во изборот на јавните обвинители за организиран криминал и корупција, дали треба да има рокови за затворање на одредени постапки, рокови за важење на доказите како што се бара во однос на оние што произлегуваат од прислушуваните разговори, критериумите за разрешување на обвинителите, личната и материјална одговорност, и дали треба да постојат финансиски гаранции. Исто така постојат и дилеми за поделба на надлежностите помеѓу Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција.
При изготвување на законот се водеше сметка, потенцира министерката Дескоска, за воспоставување Јавно обвинителство кое што ќе придонесе за фер, непристрасно и ефикасно спроведување на правдата и обезбедување на независност и ефективна автономија на обвинителите и воспоставување соодветни заштитни мерки со цел да се обезбеди ефикасно, независно Јавно обвинителство кое што ќе придонесе за градење на владеење на правото.
И во овој законски текст е предвидено инкорпорирање на Специјалното јавно обвинителство во рамките Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
– Ако сега се анализира законскиот текст клучните измени кои се однесувата на системот на јавното обвинителство измена на основите за избор на јавни обвинители, се покачуваат критериумите, се воведува јасна дисциплинска постапка за одговорност на јавните обвинители, постапка за оценување на јавните обвинители како и гаранции за финансирање на јавното обвините и јасни основи за одговорност на јавните обвинители, рече Дескоска.
Државниот јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека треба да има силно, професионално и одговорно обвинителство, да не се задоволуваат дневно – политички потреби и интереси за резултат на пазарење.
– Затоа ни е неопходен закон за ЈО кој ќе обезбеди услови, основи за силно професионално и не селективно и одговорно обвинителство. Решенијата во законот не треба да задоволуваат нечии дневно политички потреби и интереси, ниту да бидат резултат на пазарење, туку да го усогласат домашното законодавство со законодавството на ЕУ и на подобар начин да ја постават внатрешната организација на ЈО, пред се поради зголемување на ефикасноста во постапувањето изборот и унапредувањето на јавните обвинители и нивната одговорност, рече Јовески.
Според него, предложените решенија во работниот текст на законот за јавното обвинителство ја зацврстуваат самостојноста на јавните обвинители во постапувањето по конкретни предмети, а додека принципот на хиерархија на кој впрочем се засновани обвинителствата во другите земји се однесува на надзорот над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција.
Од суштествено значење, за него се новите „многу поефикасни решенија и критериуми за следење и оценување на работата на јавните обвинители“.
-Критеируми за оценка на јавните обвинители се стручност и квалитет на одлуките, ажурност и ефикасност, непристрасност и совесност, углед и етичност достојни за функцијата, соработка и однос спрема странките и другите вработени во Обвинителството, способност и спремност за стручно усовршување и стекнување со нови знаења и организаторски способности. Само врз основа на овие критериуми ќе се гради кариерата на обвинители и ќе се стави крај на влегување во Обвинителството во повисоки степени без неопходното искуство, рече државниот јавен обвинител.
Јовески смета дека законот многу прецизно ги дава новите основи за дисциплинска и материјална одговорност на јавните обвинители.
-Според мене, добро е што во законските решенија изграден е став по предметите од организиран криминал и корупција да постапува ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција наместо како што имаше идеи за формирање на две обвинителства, вели тој, додавајќи дека така нема да има прекплопување на надлежностите.
Јовески рече дека обвинителите од поранешното СЈО во законот немаат посебен третман, ниту пак се обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал туку остануваат во обвинителствата каде беа вработени пред изборот на специјални обвинители.
-Имајќи предвид дека тие работеле на одредени сложени предмети законот пропишува дека ќе продолжат да работат на овие предмети до нивно завршување. Ваквото решение е основано заради ефикасност на кривичниот проблем со што сторителите на кривични дела ќе бидат изведени пред суд, рече тој.
Јовески смета дека јавниот обвинител не треба да се бира на предлог на политичките партии, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Советот за јавни обвинители. Значајна е и финансиската самостојност и исто така важно е што средствата за работа на ЈО се обезбедуваат во висина од најмалку 0,4 посто од Буџетот на државата, што е ново за разлика од сегашното финансирање на Обвинителството.
-Квалитетен и применлив закон за јавно обвинителство потребно е да се донесе не само поради Брисел, туку пред се за граѓаните на РСМ и обезбедување најмалку пристап до правдата и обезбедување на правото и правната држава, рече јавниот обвинител.
Професорката Гордана Силјановска истакана дека во однос на ова законско решение треба предвид да се земат мислењата на Венецијанската комисијата и оти тој не треба да се носи по скратена постапка, туку дека прво треба да се испрати до Комисијата а потоа да се донесе.
Силјановска рече дека законот потребно е да обезбеди департизација и деполитизација, а не како што беше направено Специјалното јавно обвинителство.
– Слушам дека се состануваат работни групи на партиите, овде пратениците треба да се изборат за тоа навистина да бидат пратениците. Се што е неформално, неинституционално и го нема во Деловникот, не води кон демократија туку напротив кон еден друг систем. Крајно време е да престанеме со овој начин на решавање на прашањата. Пратениците треба да гласаат по сопствено убедување и да ги претставуваат граѓшаните, а не партиите, рече Силјановска.
Професорката изнесе низа забелешки за текстот, меѓу кои и за начинот на избор на обвинителите, за нивната како што кажа привилегираност за повеќе работи, но и за платите што се предвидуваат за нив, а уште повеќе за предвидените бонуси односно додатокот за доверливост.
За ова Венецијанската комисија има остри осуди, а како пример посочи на случајот со Украина. Во однос на личната автономија, го спомена случајот „Рекет“ и кажа дека обвинителката која сведочеше вчера требала да има „лична автономија во спроведување на законот“ и дека не смеела да го стори тоа што и го наложила Катица Јанева.
Според академикот Владо Камбовски законот мора да биде донесен ако не утре, за десет, петнаесет дена, а доколку потеребно нека се одложат и изборите еден месец бидејќи ова е закон со кој се воспоставува владеење на правото и мора да биде донесен.
Говорејќи за членот 110 од законот за јавно обвинителство што се однесува на чувањето на материјалите по истекот на три години од правосилно завршување на постапките да бидат уништени, рече треба да се подразмисли што ќе се случи со материјалите за кои не се водат постапки.
– Но што е со материјалите за кои не се водат постапки, тука треба да се размисли и да се стави некој рационален рок дотолку повеќе што имаше објаснување дека СЈО прегледало и процесуирало околу 80 отсто од сите тие материјали. Значи останале 15-20 отсто од тие материјали во еден рационален рок ЈО ќе го задолжи да расчисти затоа што не може тие до бесконечност да останат на чување затоа што постои опасност да се дистрибуираат на различни страни. Во однос на натамошниот третман на материјалите и дали тие се докази или не, мислам дека тоа не треба да биде предмет на оваа расправа, тоа се процесни прашања и не се предмет на овој закон, истакна тој.
Камбовски на крајот од расправата рече дека очекува законот да биде поддржан гледајќи ги, како што додаде, реакциите од пратениците сите се согласни со неговото излагање. На почетокот забележа дека законот се носи без да се реформира државното јавно обвинителство.
За време на обраќањето на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од галеријата каде што новинарите ја следат јавната расправа ставија траспарент на кој пишуваше: Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба? (чл.60, закон за ЈО).
Јавната расправа ја следат пратеници од сите политички партии, претставници на правната фела, обвинители, меѓу кои и од поранешното СЈО, како Фатиме Фетаи, адвокати, професори од правните факултети и други. Ќе трае до 18 часот денеска, а поради интересот ќе продолжи и утре во 14 и ќе трае исто така до 18 часот.