Полицискиот час би траел две недели и ќе важи и за време на викендите, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Комисијата за заразни болести утрово предложи, а Владата утре треба да одлучи дали од среда ќе се воведе полициски час од 22 до 5 часот.
Министерот појасни дека е забележано групирање, поради што е зголемен бројот на заразени.
-Интерните клиники во Скопје се на стенд бај и подготовени да примаат ковид пациенти. Ударот кон болниците не е така нагол како што беше во ноември и тоа е значајна разлика. Тешко е да се каже дали ќе продолжи тој тренд, дали ќе се задржи некое плато или ќе расте бранот. Има поделени мислења кај епидемиолозите по тоа прашање. Но, ние треба да сме внимателни и подготвени. Ова ќе важи 2 недели, но секако ја следиме ситуацијата и можно е да има промени, кажа министерот.