Фетаи: Сите ќе ја дознаат вистината за „Монструм“!

by fokus

По седум години од петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро, СЈО го презеде случајот „Монструм“ во свои раце. Обвинителката Фатиме Фетаи во интервју за неделникот „Фокус“, истакна дека ќе ја откријат вистината, а злосторниците ќе ја добијат заслужената казна.

ФОКУС: Во ваши раце и е случајот „Монструм“. Дали по седум години од петкратното убиство, јавноста, а пред сѐ родителите на убиените деца, конечно ќе ја дознаат вистината?

ФЕТАИ: СЈО го презеде и го застапува предметот „Монструм“, единствено заради таа цел – вистината. Уверувам дека како обвинителство ќе ги реализираме заложбите сите да ја дознаат вистината за извршителите и нивниот порив.

ФОКУС: Дали и според вас мотивот за егзекуцијата кај Смиљковско Езеро е исламски тероризам, како што беше според обвинението на Гордана Гешкоска, или сте насочени во друга насока?

ФЕТАИ: Можам само да кажам дека мотивот е повеќе за анализа од друг аспект, а по однос на казната која извршителите ја заслужиле воопшто не е битен, така што, оние кои учествувале во ова недело немаат многу аргументи да не добијат доживотен затвор, всушност немаат никакви.

ФОКУС: Дали има „бомби“ кои одат во прилог на откривање на вистината, и дали можеби водат до нови обвинети?

ФЕТАИ: Мислам дека Вие сте еден од новинарите кој најревносно го следи судскиот процес и имате сосема добар увид во неговиот тек. Верувам дека ќе сфатите дека однапред не би можела да Ви кажам работи од доказите со кои располагаме заради чувствителноста на предметот и секој нов ден може да донесе нова перспектива во однос и на други обвинети. СЈО работи на овој случај и уште прибира информации и докази и во таа насока.

ФОКУС: Дали МВР и редовното обвинителство потфрлиле во расчистувањето на петкратното убиство? Дали некој сакал да ја сокрие вистината или толку биле капацитетите?

ФЕТАИ: Толку биле капацитетите, што, пак, доведува до заклучок дека од страна на најодговорните е затаено во смисла на подобрување на овие капацитети, и во смисла на превенција, и во смисла на откривање на сторителите, а особено во прибирањето на доказите. Основно, затаила првата и најбитна реакција на државата во ваков случај, можеби по примерот на српската „сабја“ при убиството на нивниот премиер. Не сакам да верувам дека нешто намерно се направило во овој контекст, а и сѐ уште немам таков извор.

ФОКУС: Дали стравувате дека обвинетите можат да избегаат, бидејќи се соочени со казна доживотен затвор, а не се во притвор?

ФЕТАИ: Притворот по подигнување на обвинение е лимитиран во време, а во претходната постапка што сега се води одново е истрошен временскиот рок, речиси целосно. Друго не би можела во овој момент да кажам, освен дека сум убедена во процесна правда за децата и за рибарот.

Разговараше: Валентина Вурмо

Поврзани новости