Европските лидери се собраа во Елисејската палата во Париз на состанокот свикан од францускиот претседател Емануел Макрон во обид да покажат единство и решителност во нивната поддршка за Украина додека земјата се соочува со тешка воена ситуација против Русија.
На состанокот учествуваат дваесет шефови на држави и највисоки функционери, меѓу кои Британија, Германија, Холандија, Полска, Шпанија и Хрватска.
Целта на собирот е да се зајакне поддршката за Украина, да се постигне подобра координација на помошта и да се испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин дека Европа е решена да види дека тој пропаѓа.
„Русија не може и не смее да победи во оваа војна“, потврди Макрон за време на неговото воведно телевизиско обраќање, додавајќи дека овој услов е неопходен не само за да ѝ се дозволи на Украина да продолжи да постои, туку и „да се обезбеди колективна безбедност денес и утре“.
„Украина доби само 30 отсто од артилериските гранати ветени од Европската унија“, истакна Зеленски.
Имено, во Европа расте загриженоста дека досега малку се успеало да се спречи Путин. Русија го освои источниот град Авдивка, некогаш упориште на Украина, пред околу една недела во нејзината најголема воена победа во последните неколку месеци.
Зеленски синоќа одржа прес-конференција по повод две години од почетокот на руската агресија врз Украина, кога објави дека од почетокот на руската инвазија пред две години биле убиени 31.000 украински војници.
„Можете ли да разговарате со глув човек? Можете ли да разговарате со човек кој ги убива своите противници? Ќе предложиме платформа со која Путин може да прифати дека ја изгубил оваа војна и дека тоа е огромна грешка и трагедија за нас и за демократски свет“, рече Зеленски.