Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, беше во дводневна посета на Анкара, Република Турција, при што оствари средба со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на која беа потврдени добрите односи меѓу РС Македонија и Република Турција, соопшти Кабинетот на Иванов.
Посетата, како што информираат, беше на покана на Универзитетот за економија и технологија ТОББ од Анкара, еден од најреномираните универзитети во Турција, каде претседателот Иванов од 2009 година ја има титулата Почесен доктор на науки.
-Претседателот Иванов гостуваше во рамки на сесиите на семинари за мир и дипломатија организирани од ТОББ Универзитетот и одржа предавање пред студентите на Катедрата за политички студии и меѓународни односи на тема „Турска надворешна политика на Балканот: поглед од регионот“. Исто така, покрај средбата со Ректорот на ТОББ Универзитетот, поранешниот претседател Иванов се обрати и пред професорите на ТОББ Универзитетот на темата „Милет системот и Пакс Отомана: заборавени или ненаучени лекции од 16-ти и 17-ти век“, се наведува во соопштението.