Внатрешната контрола на МВР открила пропусти кај полицајците, на кои им избега еден од осомничените за тероризам, по терористичкиот напад во Куманово. Поточно, откако се смири ситуацијата во кумановската Дива населба, полицијата заедно со еден од осомничените го бараше оружјето на напаѓачите, при што тој им избега.
-Извршена е проверка и на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што констатирано е дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело “тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од лице место. Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во чл. 208 став 3 и 10 од Колективниот договор на МВР на РМ за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија, се вели во соопштението на МВР.
Во соопштението се наведува и дека спроведувањето на уапсените во Куманово било извршено според сите процедури, без прекршување на професионалните прописи.