Колумната е објавена во неделникот „Фокус“ на 10.11.2020 година, во бројот 1414.
Пишува: Валентина ВУРМО
Уште не седнат на шефовската жешка фотелја, наследникот на Вилма Русковска, 42-годишниот Ислам Абази, јавноста го стави на обвинителна клупа. И тоа со право!
Конкурираше како од притвор, без да пушти глас, за време на главната расправа се бранеше со молчење, а додека другите тројца пријавени презентираат „докази“, тој не даде ниту завршни зборови. И покрај слабата лична „одбрана“, сепак ја однесе победата, односно кантарот натежна на неговата страна.
Нема друго објаснување, освен тоа дека имал опасно добар адвокат, кој ја убедил поротата дека треба да му верува, иако повеќето не го ни познаваа.
Дел, пак, се чини гласаа од инаeт или од револт, контрирајќи му на силното обвинителско лоби што стоеше зад кандидатот Ермон Незири, а кој важеше за фаворит. И кога двајца ќе се скараат, нели третиот користи.
Иако Незири ја доби поддршката од колегите од матичното обвинителство, сепак грбот му го свртеа повеќето обвинители од Организиран, но и од највисокото, републичкото обвинителство. Тие, довербата му ја дадоа на досегашниот шеф на вишото обвинителство во Гостивар.
Овој избор на моменти беше како дежа ву, односно пред очи ни помина сценариото од пред неколку години со изборот на анонимната Катица Јанева. Така, под дрво и под камен се бараа информации и за Абази, а речиси невозможна мисија беше и да се најде негова фотографија, чиниш станува збор за некој таен агент или заштитен сведок.
И можеби навистина јавните обвинители не треба да бидат медиумски ѕвезди и да ни излегуваат од фрижидер, но и ваквата таинственост не му доликува на тој што ќе треба да се бори против организираниот криминал и корупција. На тој што зад решетки ќе треба да стави високи политички функционери!
Неговата таинственост дополнително ги засили шпекулациите дека Абази не конкурирал по сопствена волја, туку наводно бил „натеран“ од ДУИ. За нив, пак, подолго време се знае дека му фрлиле око на ова обвинителство или дека го меркале како сочен тендер, поточно сега, наместо на ДУИ-нг бизнис, се ориентирале на ДУИ-нг обвинителство!
Случајно или не, понесени од еуфоријата, се истрчаа и со честитките. Високиот политички претставник на интегративците, Агим Нухиу дури напиша дека едвај чека Абази да ги фати тие што перат пари, па да им се конфискува сѐ што украле. Она што недостасуваше е да го посоветува од каде да почне, дали можеби од нивните редови, кои не се протресени веќе две децении! Или за нив не важи легендарната дека „каменот од близу доаѓа“!
Но, сепак, мора да признаеме дека во прилог на обвинителот му оди тоа што ниту Нухиу не знаеше како изгледа, па со честитката објави погрешна фотографија. Ова на прва не го прави „задоен“ од ДУИ, иако веќе му зедоа за зло што потекнува од исто село како и Али Ахмети.
Конечно по победата, обвинителот ја удостои јавноста со изјава, демантирајќи дека е кандидат произлезен од тефтерчето на Ахмети. Му било предизвик да се бори против организираниот криминал и корупција во државава. Предизвикот му е навистина сериозен, но треба да има на ум дека сериозни се и овие од Мала Речица кога ќе се нагледаат на нешто.
Освен што сериозно се заинтересирани да си го задржат раатот во кој уживаат со години, зошто да не им се отворат уште повеќе можности. Тие да палат и гасат, односно да одлучуваат кој да заврши зад решетки, а кој да се амнестира. Бонбона бизнис!
Kако и да е, во обвинителската фела се зборува дека новиот шеф важи за стручен обвинител и добар познавач на правото. Затоа вистинското прашање е дали над неговата професионалност ќе натежнат торбите со камења што му ги натоварија од ДУИ?
На крајот, сакал некој да признае или не, Абази има легитимитет, бидејќи е избран од своите колеги обвинители, а не од политичари. За првпат сите заедно ќе го носат товарот и одговорноста за неговиот успех или неуспех.
По скокот во кариерата на Абази, изборот ја одбележа и онаа на досегашната шефица Русковска. Таа влезе во однапред изгубена битка, што требаше да ѝ биде јасно уште откако ја доби позитивната оценка, за да учествува на трката.
Зар мислеше дека навистина ќе ѝ дадат шанса да се врати на голема врата?
Дури и во случај да победеше, тешко дека ќе седнеше на тронот, бидејќи дисциплинската комисија сѐ уште го чува асот во ракавот, односно победата ќе ѝ ја одземеа со разрешување. Вака и волците сити, и овците на број.
Но, и покрај сите мани и забелешки, сепак она што треба да ѝ се признае на Русковска е што се вброи меѓу ретките обвинители што ставиле актуелни функционери зад решетки!
Новиот обвинител ќе ја оправда довербата ако го стори истото, почнувајќи од досега недопирливите! Или ќе ги отпише, или ќе го отпишат, трето нема!
Обвинителе, вие сте на потег!