Три девојки е едно момче од Кик-бокс клубот ,,Гладијатор” од Неготино учествуваа на Меѓународниот кик бокс турнир „Балканс бест фајтерс 6“ во Ниш, Србија, од каде се вратија со големи успеси.
Марија Јанева се закити со пехар за најдобра сениорка и прво место во дисциплина kick light до 65 килограми, Душица Стојанова освои трето место во дисциплина low kick сениори до 65 килограми, а пак Јадранка Темелкова која ја водеше борбата 3:0, на крај поради минус еден поен не успеа да се пласира во полуфиналето и го освои 5-то место во дисциплина kick light кадети до 55 килограми.
Роберт Костовки во дисциплина low kick сениори до 67 килограми, поради повреда во полуфинале не можеше да се бори во финале, и освои второ место.
Кик бокс клубот ,,Гладијатор” во Неготино важи за расадник на млади таленти, а интересот на девојките за овој спорт е на високо ниво.
Тие веќе неколку години наназад се познати по своите спортски достигнувања, зад кои стојат напорните тренинзи, но и личната упорност на младите кик боксерки кои покажуваат одлични резултати.
Јанева, која од сите купови се враќа со високи награди, за ,,Фокус” уште минатата година раскажа дека не дозволила предрасудите да ја поколебаат, и секој нов пехар и е само уште една потврда дека кик боксот не е само машки спорт.
Уште како дете се воодушевила гледајќи го шампионот Димитар Ѓорѓиев, кој исто така е од Неготино, за време на неговите натпревари, и вели дека едноставно знаела дека кик боксот е нејзиниот спорт.
За успесите во Ниш, девојките велат дека им се мотив повеќе да продолжат уште попосветено и со поголем елан во освојување на нови титули.
Покрај учесниците од ,,Гладијатор”, на Меѓународниот турнир во Ниш учествуваа кик боксери од повеќе клубови од земјава, а се вратија со 65 медали, и тоа 20 златни, 21 сребрен и 24 бронзени.
Вики Клинчарова