Дерковски: Бројката од 1,8 милиони гласачи е реална!

by fokus

Притисоци секогаш се можни. Овој состав на ДИК ќе покаже дека во Македонија може и поинаку да се функционира. Ако си ја сфатиме задачата, ќе ги надминеме притисоците, вели претседателот на ДИК, Оливер Дерковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој тврди дека бројката од 1,8 милиони гласачи е реална.

-Да, јас неколку пати во неколку прилики тврдам дека бројката е реална и дека целата забуна во изминатите години стана веројатно од некои други политички причини. Меѓутоа наша работа на ДИК е да не ја мешаме политиката, затоа што оваа работа водењето на Избирачкиот список е статистичка операција. Вклучени се Завод за статистика и Министерството за внатрешни работи, така што од нивните евиденции практично се црпи составот на Избирачкиот список. И на граѓаните да им биде појасно, право да биде на Избирачкиот список има секој граѓанин којшто наполнил 18 години и којшто има важечка лична карта или патна исправа на Република Македонија, а не секој што живее во земјава. Жителите на Република Македонија се утврдуваат по пат на друга операција, попис, а додека правото да бидеш на Избирачки список го стекнуваш исполнувајќи ги овие услови и со тоа јасно се става динстикција меѓу двете работи. Тоа е всушност разликата.

Дерковски кој на функцијата е по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, не одговара директно на прашањето дали партијата ќе ги повика своите поддржувачи да излезат на гласање или да го бојкотираат референдумот, истакнувајќи дека своите политички убедувања ги остава дома.

-Вашето прашање сега ќе ми ги урне сите претходни констатации кои ги наведов за работата на Државната изборна комисија и затоа и нема да навлегува во одговор, затоа што тука сум член на ДИК и политичките ставови и моите убедувања ги оставам дома. Кога ќе дојдам на работа заборавам на тоа и функционираме како државен орган, кој има задача, пред се, да ја изведе операцијата референдум согласно законот.

Поврзани новости