Доколку на Драган Даравелски му биде прифатено барањето за повторно судење, тогаш тој дефинитивно ќе биде слободен граѓанин. Поточно, во таков случај ќе биде константирана апсолутна застареност на кривичното дело за кое се гонел, а кое застарело лани, односно по 20 години од извршувањето на истото.
Одлуката за тоа дали ќе му биде дозволено повторено судење, бидејќи првиот пат му се судело во отсуство, деновиве треба да ја донесе Кривичен совет на скопскиот кривичен суд.
Според процедурата, советот најпрвин ќе ги прибере податоците за Даравелски од затворот ,,Идризово”, а потоа предметот ќе го испрати во Обвинителството од каде што ќе побара мислење.
-По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичниот суд.
За тоа дали поранешниот директор на Царинската управа ќе добие позитивен став од судот зависи како ќе се толкува фактот кога тој дознал за пресудата против него.
Имено, можноста да бара повторно судење му ја дава Законот за кривична постапка каде што во ставот 1 од членот 456 се предвидува дека постапката ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесат барање во рок од една година откако лицето ќе дознае за пресудата со која е осудено во отсуство.
Нејасно е дали судот ќе прифати дека Даравелски сега дознал за пресудата, или уште во 2016 година кога Србија бараше гаранции дека тој ќе добие ново судење, доколку биде екстрадиран во државата.
Неговиот адвокат, Душан Шарановиќ, кој денеска го поднел барањето за повторување на судењето, не одговори на нашето барање за изјава.
Денеска пак кумановскиот суд утврди дека на екс директорот не му е застарено извршувањето на казната, поради барањето за екстрадиција која Македонија последен пат го испратила во 2020 година.
Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.
Тој вчера беше уапсен на граничниот премин ,,Табановце” при обид за влез во државата, во која не беше стапнал две децении.
Валентина Вурмо