Бугарски обвинители денеска ќе дојдат во Скопје да ги преземат ДНК-примероците

by fokus

Екипа од бугарското Државно јавно обвинителство денеска треба да пристигне во Скопје за подигање на изработените ДНК-профили од роднини на настраданите во автобуската несреќа, што потоа ќе се искористат за идентификување на починатите.

Ова вчера го најави бугарскиот заменик-главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов, посочувајќи дека по направената анализа и споредување ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера потврди дека македонските власти земале биолошки материјал од роднините на загинатите во Северна Македонија за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата.

Јовески во интервју за ТВ Сител синоќа наведе дека првенствена цел на посетата на бугарските истражители и на еден јавен обвинител е да се подигнат материјалите од Судска медицина кои се земени од роднините на загинатите и извршените ДНК анализи, кои потоа ќе се компарираат со обдукцијата на загинатите лица во Бугарија и нивната ДНК анализа.

– Целосно е завршено земањето на материјал и извршени се ДНК анализите. Јас имам уверување од директорот на Судска медицина дека утре најдоцна до 12 часот овие материјали ќе бидат комплетно обезбедени за да може да им се предадат на истражителите од Бугарија. Верувам дека тоа ќе биде брзо. И бугарската и македонската страна работи на тоа што побрзо да бидат пренесени остатоците во земјата и да бидат предадени на нивните блиски. Утврдувањето на идентитетот на загинатите во незгодата нема да трае долго. Очекувам во следните неколку денови тој процес да заврши. Јас имам информација дека обдукциите во Бугарија се завршени, извршени се ДНК анализи на загинатите. Таму ќе треба само тие податоци да се споредат, верувам дека тој процес нема да одземе повеќе од неколку денови, истакна Јовески.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева вчера информира дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, додавајќи дека еден од преживеаните патници и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум, а не седум лица.

– Ние пронајдовме 44 тела, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 тела. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Поврзани новости