Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел изјави дека е постигнат договор за документите во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Борел на Твитер објави дека Србија се согласила да ги укине документите за влез и излез на имателите на косовски документи, а дека Косово се согласило да не воведува такви документи за оние кои имаат српски лични карти.
,,Имаме договор. Како дел од дијалогот со поддршка на ЕУ, Србија се согласи да ги укине документите за влез/излез за имателите на косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за имателите на српски лични карти“, нагласи Борел.
Тој додаде дека косовските Срби, како и сите други граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија користејќи ги нивните лични карти.
„ЕУ штотуку доби гаранции од премиерот Курти за таа цел. Ова е европско решение. Им честитаме на двајцата лидери за оваа одлука и за нивното раководство“, напиша Борел.
Во денешното обраќање српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во фиока чува „седум документи за повлекување на признавањето на Косово“.