Единаесет бомби предложени како доказ за предметот „Топлик“, денеска одекнаа во судница. Во овој случај првообвинет е екс министерот Миле Јнакиески и уште петмина кои биле вработени во министерството. СЈО ги гони обвинетите дека го оштетиле буџетот за над 64 милиони денари, бидејќи овозможиле продажба на земјиште во Сончев град, иако за тоа не биле исполнети законски услови. Потоа овој договор бил раскинат, а државата морала да исплати 64 милиони денари како камата.
Три од прислушуваните разговори се меѓу Јанакиески и Никола Груевски, четвртиот разговор е помеѓу Јанакиески и новинарот Драган Павловиќ Латас , еден од разговорите е меѓу Јанакиески и Зоран Ставрески и останатите се меѓу Јанакиески и непознати лица. Јавноста имаше можност да ги слушне разговорите во судница, но дел од нив не беа доволно разбирливи, а воедно во нив не се зборува само за Сончев град, туку за уште многу други бизниси и тековни работи.
Првиот разговор го водат Јанакиески и Груевски, на 3.2.2010 година. Во него Груевски го кара Јанакиески дека не бил доволно дил ориентет како Владимир Пешевски, односно не им посветувал доволно внимание на инвеститорите.
„Миле, Владо е дил ориентед, им посветува внимание на инвеститорите и него го фалат, а од тебе не се задоволни. Ти како да си правник па им кажуваш дека тоа што го сакаат не е по закон, и толку, ги откачуваш за пет минути“, му вели Груевски на Јанакиески.
Јанакиески пак му се правда дека Пешевски не превзема ризик, и дека викал дека Миле е тој кој треба да потпише.
“Пешевски на ништо не става потпис, вика Миле треба да потпише“, му одговара Јанакиески.
Груевски, пак, продолжува да го советува дека големите инвеститори бараат специјален третман.
„Овие инвеститори се милијардери. Имаат сопствени авиони, по 10 женски носат на јахта и доаѓаат кај тебе, а ти за пет минути им викаш не е по закон и толку, му вели Груевски.
Миле повторно се правда дека Пешевски е поискусен од него, а Груевски, продолжува па му вели: „Ти си навикнат на бизнисмени Кочан, Мочан, од таков калибар. Навикнат си тебе да те тинтрат, а не ти нив, му враќа Груевски.
Вториот разговор повторно е помеѓу истите ликови, а е воден на 21.7.2011 година. Во овој разговор Јанакиески му појаснува на Груевски дека е потпишана судската спогодба за Сончев град, со која се раскинува договорот за продажба на земјиштето, но и е утврдена камата од 64 милиони денари која државата треба да му ја исплати на купецот.
-Вчера завршивме со Сончев град. Се потпиша спогодбата за раскинување на договорот. Треба само да им платиме тоа што вложиле, а за каматата имаме усмен договор дека се откажуваат, му вели Јанакиески на Груевски. Во останатиот дел од разговорот зборуваат за рушењето на Космос.
Третата бомба е помеѓу истите соговорници, а во неа во поголемиот дел од времето зборуваат за Космос, односно објектот на Фијат Цановски. Груевски му појаснува на Јанакиески дека зборувал со висок странски претставник, кој имал одредени забелешки за работењето на Владата.
„Ми вели дека треба да ги рушиме сите што незаконски постапувале, а не само Фијат. Ми вели, законот нека важи за сите, а не само за оној кој политички не ви одговара и кој е близок до А1 Телевизија. Вака кога ми кажа држи вода, заклучува Груевски.
На Миле му текнува па му вели: „Во Гостивар се гради еден голем објек без оддобрени за градба, па може тој да го срушиме“.
На ова Груевски му враќа дека тој ќе го срушат со динамит, а потоа го прашува до каде се со Сончев град? Јанакиески му одговара дека во 2012 година се би се реализирало, па споменува 4 милиони евра за водовот, а за струја и телекомуникации вели дека немало проблем.
Четвртиот разговор е меѓу Јанакиески и Павловиќ-Латас, во кој зборуваат за бизнис, се споменуваа милиони, но овој разговор не беше доволно прецизен и разбирлив, барем за јавноста.
Петтиот разговор е меѓу Јанакиески и некоја Цаци. Тогашниот министер ја прашува дали му спомнала на Зоки за Сончев град, односно дека нема пари да ја плати каматата од милион евра, а таа го советува дека има пари, односно да пренамени други средства кои биле за други намени.
И во шестиот и седмиот разговор Јанакиески разговара со некој Аце, на истата тема, а Аце му вели дека нема пари да се исплати каматата за Сончев град, односно и да пренаменат други средства нема да стигнат до 64 милиони денари. Во осмиот разговор, Јанакиески на непознат соговорник му вели да се стрпат инвеститорите од Сончев град, односно да не пуштаат извршители.
Деветиот разговор Јанакиески го има со Зоран Ставрески, тогашниот министер за финансии. Јанакиески му вели: „Види ја пренамената за Сончев Град“, а на ова Ставрески му одговара „Ти ја потпишав денес“, по што разговоро заврши. Во следниот, десетиот разговор, Јанакиески само информира едно непознато лице дека утре ќе легнат парите за каматата. Последниот, единаесети разговор, Јанакиески му вели на некое лице да провери до каде е постапката за Сончев град?
Наредното рочиште е закажано за 11 мај, кога одбраната ќе го каже своето видување за бомбите.
В.В.