Бизнис партнерите од „Мериот“ во судница – Алек Теранова сведочеше како по налог на Мијалков купувал станови и плацеви за Груевски

by fokus

Бизнисменот Александар Ивановски познат во јавноста како Алек Теранова кој му е бизнис партнер на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков денеска се појави како сведок на Обвинителството во случајот „Палцевите на Водно“.

Ивановски и фирмата „Бесвеј инвестмент“ на семејството Мијалкови се косопственици на друштвото „Дивелоп груп“, во чија сопственост е хотел „Мериот“. Но, иако двајцата се уште официјално не ги раскинале бизнис врските во судница се најдоа на спротивни страни.

Алек Теранова, за кого одбраната на Мијалков на минатите рочишта прашуваше зошто и тој не е меѓу обвинетите, сведочеше дека по налог на Мијалков и со свои пари купил плац на Водно на којшто поранешниот премиер Никола Груевски, според обвинението, требало да гради огромна куќа со пари на партијата, но и два стана за Груевски, за да не бидат на негово име.

Тој своето сведочење го започна со тоа дека токму тој го потпишал полномошното за основање на фирмата „Сирах инженеринг“ во Македонија, фирма – ќерка на оф-шор компанија со исто име од Кипар.

Од неговото сведочење произлегува дека всушност тој, како човек кој долги години се занимавал со градежен бизнис, ги открил фамозните плацеви во разговор со адвокат со име Лазар Бошњаковски. Тој му понудил да купи 11.000 метри квадратни плацеви по цена од 1,5 милиони евра. Плацевите имале повеќе сопственици од Црна Гора, а тие наводно го добиле земјиштето по пат на денационализација. Но, тој се откажал од овие плацеви бидејќи земјиштето не било впишано ниту во ДУП-от, ниту било во градежен реон.

Но, во муабет му ги споменал овие плацеви на Мијалков, па тој по извесно време се заинтересирал за нив.

Мијалков го замолил да праша за плацевите со образложение дека негов пријател сака да ги купи, а тогаш веќе биле впишани во ДУП-от за Тасино чешмиче и можело на нив да се гради.

Ивановски како добар пријател на Мијалков, од морални причини и без никаква провизија посредувал да се купи плацот меѓу полномошник на сопствениците од Црна Гора и кумот на Груевски, Ристо Новачевски кој бил управител на фирмата „Сирах инженеринг“. Земјиштето било купено преку фирмата, а за да легнат парите од фирмата на сметките на сопствениците се чекало неколку дена.

Освен за овој плац, Ивановски сведочеше и за купувањето на уште еден плац на Водно преку фирмата „ИТК инженеринг“, која било специјално формирана за таа намена, а  основач била неговата лична секретарка Татјана Стојановска.

-Во еден разговор со Сашо Мијалков ми беше посочено дека ќе има продажба на државни плацови на Водно и дека не е лошо да се формира нова фирма со која би се учествувало и дека тој плац треба да се купи. Ми рече дека е за негов пријател. Целата поента беше јас да се јавам како купувач, да инвестирам сопствени средства, а во одреден момент таа фирма да се продаде и јас да си повратам средствата, сведочеше бизнисменот.

Освен плацеви тој тврдеше дека купувал и станови за Груевски, односно ги купил двата соседни стана кадешто живееше Груевски, спроти седиштето на СДСМ. Едниот стан го купила неговата секретарка, Стојановска, а потоа и биле вратени пари, а другиот стан бил купен преку фирмата „ИТК инженеринг“.

За купувањето на плацевите и становите Ивановски давал лични пари, пари од блиски или вработени, позајмици, а како што кажа досега никој не му вратил пари. И токму тоа беше контрааргумент на одбраната на обвинетите, но и тоа дека тој нема никаков доказ дека Мијалков го замолил или му дал налог да основа фирма или да купи станови или плац.

На поранешниот премиер, Никола Груевски му се суди во отсуство. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.

Неговиот кум Новачевски, бизнисмените Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости