Барањето на Антикорупциска Заев да се гони кривично, лидерот на СДСМ го оцени како банално и апсурдно

by Фокус

Откако „Фокус“ објави допис на Комисијата за спречување на корупција испратен до Основното обвинителство, со кој бара кривично да го гони лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за три случаи, со реакција се јави и претседателот на најголемата опозициска партија.

Како што веќе објавивме, првиот случај на кој се повикуваат антикорупционерите е шпекулацијата која ја објавија неколку провладини медиуми, односно дека Заев, заедно со нему блиски лица кон крајот на 2013 година наводно купиле трикатна куќа во Грција. За случајот со поткуп, од комисијата наведуваат дека станува збор за сомнеж дека Заев од струмичанец побарал поткуп од 200.000 евра, за кој веќе и е подигнат обвинителен акт, а третиот случај исто така го опишуваат како обид за поткуп од 39.000 евра за издавање на оддобрение за градба.

-Според мене, тоа е веќе и смешно, банално, врв на апсурдноста. Знаете како, додека се преговара, го гледате однесувањето на судството, обвинителството, целата апсурдност со случајот Поткуп, Пуч или сл. што се случува. Ова е само кулминација од невидени размери. Додека Антикорупциска апсолутно не сака ни да одговори на прашања, поврзани со објавените бомби, а камо ли да почне некој вид на истрага, комуникација со другите институции за оваа работа, согласно своите надлежности, повикувајќи се на глас соопштен од медиумите, таа отвора постапки и комуникација со сите други надлежни институции за Зоран Заев и вели, заради, нему блиски лица, Трајче и Бобан кои што купиле недвижен имот или слични наговестувања. Не е само тоа. Управа за приходи веќе долг период трага по потекло на парите на Заев, на неговото семејство, имотот и слично. И апсолутно, целото тоа воопшто ниту ме плаши, ниту ќе ме одврати од определбите кои што се важни за граѓаните на Република Македонија, вели Заев.

Тој додава дека тој ќе остане посветен на преговорите, со поставените црвени линии, истакнувајќи дека интересот на граѓаните е поважен од било кој друг. Дописот на Антикорупциска го доживува како продолжение на оркестрираниот напад од власта.

-Можам да кажам дека продолжува оркестрираниот напад со сите институции врз мене, а со тоа и врз опозицијата. Најверојатно, ако не сум лидер на опозицијата, ова не би се случувало, но, во секој случај, така го сфаќам и најверојатно е дел од безобразната и перфидна тактика на преговарање на ВМРО-ДПМНЕ. Поинаку не знам како да го објаснам, но опциите и изборот се нивни. Како и да го користат, кога и да е, крајот на ова зло ќе дојде, вели Заев.

Лидерот на СДСМ денеска требаше и да се појави во судот во Струмица, но тој како што најави, нема веќе да ја исполнува оваа наредба.

-Јас опстојувам на ставот кој што јавно го соопштив пред граѓаните, а тоа е ставот дека не го почитувам правосудниот систем во Република Македонија, нема да се јавувам на закажаните рочишта и нема да ја испочитувам обврската секој понеделник во 09:00 часот да се јавувам во Судот.  Судскиот совет на Основен Суд Скопје 1 Скопје е должен да одреди мерка притвор и да ме лиши од слобода, вели Заев.

 

 

Поврзани новости