Според Апелација, фактот што Груевски е богат не значи дека ќе избега

by fokus

Апелациониот суд смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, нема да избега од државата бидејќи веќе му е одземен пасошот и дипломатската патна исправа, а исто така посочува дека тој не може да ја напушти ниту државата со лична карта, бидејќи веќе се наоѓа во компјутерската евиденција на МВР, па поради тоа не треба да оди во притвор. Ова е дел од одлуката на второстепениот суд, која е објавена на веб сајтот на судот.

-Со определените мерки на претпазливост на обвинетиот му е одземена
патната исправа издадена од МВР на Р.М. за преминување на државната граница,
како и забрана за издавање на нова патна исправа или друга исправа, како и
одземање на дипломатска патна исправа издадена од МНР на Р.М., а кои веќе седепонирани од страна на обвинетиот во судот, видно од службената белешка за
предавање на патните исправи. Податоците за оваа мерка на претпазливост се
внесуваат во комјутерската евиденција на МВР на Р.М. поради што и со лична
карта, обвинетиот не може да оствари излез од Р.М., се наведува во донесеното решение.

Исто така судот оценил дека тоа што обвинетиот Груевски е во добра финансиска состојба, не значи дека ќе избега.

-Паричните средства кои ги поседува обвинетиот на што укажува
обвинителството како можност за бегство за обвинетиот надвор од државата, овој
суд цени дека не можат да се земат изолирано туку во склоп со личните и
семејните прилики на обвинетиот, а кои околности ги имаше предвид овој суд
при донесување на својата одлука при што оцени дека истите не се од решавачко
значење за донесување на поинаква одлука, стои во одлуката.

Од СЈО, пак сметаа дека постои опасноста од бегство поради неговата голема имотна состојба на банкарски сметки кои би му овозможиле живот и надвор од Македонија, имал 10 милиони денари, 46 илјади евра и 7 илјади швајцарски франци на банкарските сметки.

Апелациониот суд при донесувањето на одлуката се водел и од тоа што обвинетиот Груевски ветил дека нема да го попречува текот на постапката и редовно ќе се јавува во суд.

-Во прилог на одлуката на овој суд говори и фактот што обвинетиот се јави
на јавната седница пред второстепениот суд и даде ветување пред истиот за
неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, а сето тоа во контекст и
на сите други околности и факти на случајот, како и тоа што е изнесено од страна
на странките, советот на овој суд оправдано очекува дека ќе се постигнат целите
на определените мерки на претпазливост, како мерки за обезбедување присуство
на обвинетиот и за непречено водење на кривичната постапка, се наведува во објавеното решение.

В.В.

Поврзани новости