Новоизбраниот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, одговара на прашања за одлуката на Владата да именува в.д. директори на неколку десетици јавни институции наместо да распише оглас, па да избере директор со полн мандат, како и за критиките во јавноста за таквата практика.
-Не можам да се сложам со вас дека станува збор за редовен механизам затоа што имаме промени на помалку од 30-ина раководители на институции, а зборуваме за околу 1.100-1.200 раководители на иснтитуции. Така што, ова е помалку од 10%, но тоа не значи дека нема да има дополнителни именувања на в.д.
Знаете, етичката е борба меѓу два огна. Едното, да оставите да биде раководител некој што ги девастирал претпријатијата, зборувам сега за ‘Македонски шуми’, ‘Железници инфраструктура’… ‘Железници транспорт’ е во очајна состојба, човек којшто не сака да ги поправа тркалата на возовите последниве 7 месеци, иако е молен буквално од операторите и домашни и странски и приватни и секакви, човек којшто не сака да репарира две локомотиви за да функционира железничкиот превоз барем по Коридорот 10. Зборуваме за луѓе што се длабоко фатени во криминал и за кои ревизиите на Државниот завод за ревизија покажуват сериозни недостатоци во нивното работење, дури и некои кирминални последици, и тоа е едната страна.
Од другата страна, да почитувате дека тие треба да бидат избрани на конкурс во редовна постапка иако законот дозволува да бидат избрани во оваа т.н. вонредна постапка или по исклучок за вршител на должност на определено време. Ние, во определен број од институции, каде што гледаме дека недостатоците се толку сериозни и дека може да настане непоправлива штета за македонските национални интереси, како држава, за економско-социјалната состојба, се решивме на овој чекор, тие луѓе да бидат заменети со вршител на должност, а постапката редовна да си започне за избирање директор со мандат, вели Андоновски.