По повеќедневните едноцифрени бројки кои се движеа од пет до девет новозаразени, во последното деноноќие во Албанија потврдени се само два нови случаи со Ковид-19, од направените 3.593 тестирања, што е 0,05 отсто од тестираните, јави дописничката на МИА од Тирана.
Во исто време не е регистриран ниту еден починат, што е петти ден по ред без ниту една жртва, како последица од опасниот вирус.
Во инфективната клиника во Тирана, моментно, болнички се лекуваат 28 пациенти, од вкупно активните 296 случаи. Ковид пациенти веќе десеттина дена се третираат единствено во оваа клиника, откако поради намалениот број заразени беа затворени болниците ковид два и три во Тирана и петте регионални ковид болници.
Од почетокот на пандемијата во првите денови од март минатата година направени се вкупно 736.591 тестови, опасниот вирус е потврден кај 132.374 лица, оздравеле 129.627, а починале 2.451лице.
Во меѓувреме продолжува вакцинацијата според зацртаната динамика. Како што информираше министерката за здравство Огерта Манастирлиу, досега опфатени се над 785.000 лица, од кои на 210.000 со двете дози.
Во земјата пристигнати се вкупно 858.750 вакцини, со последните 52.500, кои пристигнаа деновиве.