Оспоруваме сѐ од обвинителниот акт, тоа е едноставно. Соодветната процедура ја оспоруваме, законските можности за консултантски услуги, исто така, ги оспоруваме, изјави адвокатот Мирослав Вујиќ, бранител на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој е обвинет за злоупотреба на службена положба.
По одржувањето на првата расправа од процесот во изјава за медиумите Вујиќ рече дека одбраната е убедена оти во конкретниов случај нема никакви елементи на кривично дело. Тој рече дека воопшто не станува збор за договор во четири очи.
– Воопшто не беше договорот склучен во четири очи, слушнавте денеска дека се изведени докази, заклучоци од Владата и задолженија кон Зеќири, сосема транспарентна. Тука проблемот е дали требало да има тендер или не требало јавна набавка, рече тој.
Според него, тендери за консултантски услуги не се потребни.
– Дали вие треба да имате тендер за консултантски услуги со адвокат? Сосема е исто. Консултантските услуги со реномирана компанија која што е во тој дел стручна. Значи изборот е ваш со кого ќе се консултирате и за тоа нешто не е потребна јавна набавка, смета адвокатот.
Во однос на прашањето зошто помеѓу предложените сведоци на одбраната има и поранешни и актуелни политичари, меѓу кои и Благој Бочварски, Фатмир Битиќи и Јани Макрадули, тој одговори дека тие биле членови на економскиот совет на Владата и биле запознаени со сето она што е работено.
На прашањето зошто фирмата е основана непосредно пред склучување на договорот, тој одговори дека во тоа нема ништо спорно.
– Јас колку што знам и колку што ми е познато, кај нас имаме проблеми со трансфер на хонорарите. Дали можеме ние надвор да плаќаме на тие надворешни куќи или не, веројатно е поедноставно и добро е што е така, за да бидеме транспарентни во истото. Тој што заработил и изработил, нека биде платен, тука не ми е ништо спорно, рече адвокатот.
Судењето во кое на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, му се става на товар дека со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело продолжува на 30 јануари, откако денеска обвинетиот се изјасни за невин, Обвинителството посочи дека ќе го докаже товарот, а одбраната побара ослободителна пресуда.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.
Фото: МИА