18 години Meѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ Битола

by Fokus

Ликовни уметници од Виетнам, Мексико, Естонија, Романија, Кина, Србија, Бугарија и Македонија се дел од 18-тото издание на Меѓународна колонија „Де Ниро“ Битола, која што ќе се одржи од 20-ти до 27-ми јуни во Културниот центар на Меѓународна колонија „Де Ниро“ Цапари, како и на различни локации низ Битола.

-За мене како организатор е голема чест тоа што во текот на овие 18 години на колонијата учествувале над 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и Светот кои досега создале над 500 уметнички дела. Оваа година особено ме радува потпишувањето на меморандум за соработка на Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ со Културно информативен центар Битола, значаен чин за натамошна плодна соработка“-изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.

Во рамките на богатата и разновидна програма ќе бидат реализирани и следниве настани:

„Ден на уметноста“, во чест на Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура што ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино; Поетско-ликовен настан, промоција на книгата „НАДВОР ОД ВРЕМЕТО“ на Лили Бошевска со песни инспирирани од делата на светски познатиот уметник Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, кој е гостин на промоцијата со своја изложба, во Палата на културата- Офицерски; Промоција на видеото на Кети Талевска за мозаикот на Мирослав Масин, музички перформанси и слично.

Овогодинешното издание на Меѓународната ликовна колонија Де Ниро завршува на 27-ми јуни.

Поврзани новости