Годинава за првпат во Национална опера и балет ќе се одржи Интернационален натпревар во пеење ,,Песните на Тоше Проески”, и на истиот ќе учествуваат претставници од повеќе земји.
Настанот е закажан на 12-ти октомври, четири дена пред 17-годишнината од загинувањето на македонската музичка легенда, а влезниците по цена од 400 денари веќе се пуштени во продажба.
-На Гала концертот ќе имате можност да ги слушнете најдобрите учесници од натпреварот по изборот на бендот на Тоше кој што ќе биди жири на истиот. Бидете дел од еден голем настан на кој што ќе се потрудиме да им дадеме една друга димензија на хитовите на Тоше- наведено е во најавата на натпреварот во пеење, зад чија организација стои Марјан Катароски, директор на Светската асоцијација на фестивали.
Во својот краток животен век, кој трагично заврши на 16-ти октомври 2007 година, кога имаше само 26 години, Тоше успеа да остави длабока трага на македонската, но и на регионалната музичка сцена.
И по сите изминати години без него, секој настан поврзан со неговото име го привлекува вниманието на јавноста и не поминува незабележано.
Првите чекори на сцената ги направи на детски фестивали, а потоа од 1997 година со песната ,,Пушти ме” му се отвори патот кон ѕвездите.
За една деценија, колку што траеше неговото музичко патување, тој остави бројни хитови кои беа на врвот на музичките топ листи не само во Македонија, туку и во Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна, Словенија…
Со раскошниот глас, но и со скромност, хуманост и искреност го освои регионот и важеше за најголема музичка ѕвезда во земјава, за чија смрт известија и најголемите светски новински агенции.
Беа издадени поштенски марки со неговиот лик, и посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија.
Вики Клинчарова