150 години од раѓањето на Гоце Делчев

by fokus

Денеска се одбележува 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев. По тој повод предвидени се повеќе активности на македонскиот државен врв, а цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија.

Претседателот Стево Пендаровски по повод јубилејот од раѓањето на великанот, денеска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

На пладне во НУ Музеј на македонската борба, претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата.

Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.

Делегација од Кабинетот на претседателот исто така ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, како и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштад „Македонија“ во Скопје.

По повод јубилејот од раѓањето на Делчев, Владата на Северна Македонија со свои претставници ќе организира и ќе биде вклучена во неколку свечени настани и одбележувања.

– Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата, соопшти владината прес-служба.

Бугарската делегација во земјава ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.

Инаку, во соопштението од владината прес-служба, се наведува дека Владата на Северна Македонија ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, активност на која се вклучени повеќе државни институции.

Владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а потоа и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.

Во Музејот на македонската борба, напладне, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.

Делегација на Собранието, предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

Прес-службата на бугарската Влада, пак, вчера соопшти дека премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со бугарскиот премиер Петков ќе биде и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски.

Поврзани новости