15 фламинга пристигнаа во ЗОО Скопје, се очекуваат и африканските пингвини!

by Fokus

Зоолошката градина во Скопје ги доби првите фламинга. Станува збор за 15 птици, помлади од една година, кои моментално се чувани во специјални услови, во дел наменет за нив, а граѓаните ќе може да ги видат со вклучување во живо, кога целосно ќе биде готово нивното живеалиште.

-Фламингата се млади, на возраст кога ја немаат достигнато розовата боја, специфична за карипски фламинга. Преку исхрана со специјален вид на црвени ракчиња, во наредните години тие полека го добиваат целосно розовиот пигмент, а додека се млади нивната боја е повеќе сиво – розова – информира Тина Мицковска, портпарол на ЗОО Скопје.

Таа додава дека наскоро ќе пристигнат и пингвините од Лондон, а нивните живеалишта интензивно се подготвувале. Станува збор за птици од видот African blackfoot, на кои не им пречи топлата клима. За африканските пингвини не е потребен мраз, тежат од 2,2 до 3,5 килограми и зоолошките градини ширум светот вложуваат многу средства во одгледување и зачувување на овој вид на пингвини.

-Да го победиме корона вирусот и ЗОО Скопје е подготвена да ги сруши сите рекорди! Иако на многумина не им се веруваше, но со градоначалникот Петре Шилегов се заложивме и ветивме дека децата ќе ги добијат пингвините и фламингата ова лето. Фламингата пристигнаа, а наскоро ќе дојдат и пингвините од Лондон. Живеалиштата се при крај, се надеваме дека наскоро ќе заврши пандемијата и граѓаните ќе можат да уживаат во глетките на овие најубави тропски птици. Во исто време, градиме и нови катчиња со забавни содржини, каде најмладите целодневно ќе се едуцираат и уживаат – вели директорот на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости