14-ти Марш на црвените чадори: Декриминализација на сексуалната работа

by fokus

17-ти декември е Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници и по тој повод сексуалните работници здружени во СТАР – Прв Колектив на сексуални работници на Балканот и нивните поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини ќе го организираат четиринаесетиот по ред Марш на црвените чадори.

Маршот, традиционално ќе се одржи во Скопје на 17.12.2021 (петок), и ќе започне во 12 часот, од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на ул. Македонија и ќе заврши на плоштад „Филип II“. Пред започнување на маршот, сексуални работници ќе дадат изјави за медиумите.

-Со овогодинешната кампања, повторно ќе ставиме акцент на потребата од декриминализација на сексуалната работа како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работничките и здравствените права на сексуалните работници, како и итноста од донесување нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија, велат организаторите.

Иницијативата за декриминализација на сексуалната работа е започната од страна на неформалната Платформа за декриминализација на сексуалната работа, која ја сочинуваат три организации, СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ. Во рамки на спомената Платформа доставен е предлог иницијатива до надлежните органи за измени на Кривичниот законик (Член 191) и Законот за прекршоци против јавен ред и мир (Член 19) по кои се казнуваат одредени активности поврзани со сексуалната работа.

Последователно како одговор кон доставената предлог иницијатива, од Министерството за правда како надлежен орган за измени на Кривичниот закон одговориле дека постапката за декриминализација на сексуалната работа треба да започне од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.

-Во контекст на споменатото, ја известуваме јавноста и медиумите дека ние сексуалните работници и нашите семејства, егзистенцијално зависиме од сексуалната работа која за многумина од нас претставува примарен извор на приходи. Со почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19, ние сексуалните работници како маргинализирана заедница се најдовме во особено тешка ситуација, погодени од економски, социјален и здравствен аспект. Во услови кога сексуалната работа не е правно регулирана и признаена како дејност, сексуалните работници не се во можност да ги користат економските мерки од државата, што пак влијае врз нивната општа благосостојба, велат организаторите.

Поврзани новости