Текстот е објавен на 14 јануари 2011 во неделникот „Фокус“ број 811
Пишувала
Мирјана НАЈЧЕВСКА
Секоја демократија од време на време треба да се преиспита, да ги анализира сопствените вредности низ призмата на резултатите и да направи компарација со претходни опоменувачки искуства со цел да не повтори некои веќе утврдени историски грешки. На другиот крај на демократијата секогаш демне страшилото на фашизмот, или, на некој систем кој многу наликува на него.
Постојат различни определби со кои се одредува нивото на фашизам во одредена држава и различни знаци на предупредување кои треба сериозно да се сфатат и во нивното настанување, а уште повеќе доколку станат доминантни.
Интересен сублимат на овие карактеристики претставува листата на Др. Lawrence Britt, кој направил анализа на неколку фашистички режими (Германија, Италија, Шпанија, Индонезија и неколку латинско-американски режими), и издвоил 14 елементи заеднички за сите нив.
Ова сигурно не се единствените карактеристики и сигурно нивното постоење не значи дека една држава е фашистичка. Меѓутоа, присуството на сите нив заедно треба да биде причина за притискање на копчето за тревога во секоја држава која претендира на демократија од современ вид. Како корелира владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и активностите што ги превзема со овие 14 карактеристики?
ЗНАМИЊА, АПСЕЊА, НЕПРИЈАТЕЛИ..!
1. Првата карактеристика е – продолжителен национализам, односно, фашистичките режими се склони на тоа да употребуваат патриотски слогани, пароли, песни, симболи и сл. Насекаде се поставуваат знамиња и симболи поврзани со знамето.
Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се карактеризира со неверојатен наплив на маркери, симболи и слогани поврзани со идентификувањето на нацијата. Низ целата држава се поставени стотици јарболи од огромни размери со знамето на државата (во вредност од над 600.000 евра), изградени се огромен број споменици и одбележја (за кои се потрошени десеттици милиони евра) кои треба да го симболизираат националниот идентитет, а прашањето на нацијата не само што е издигнато на врвот на приоритетите на власта, туку се бара да биде и највисок приоритет на секој поединечен граѓанин под слоганот: ОД ТЕБЕ ЗАВИСИ – ТИ СИ МАКЕДОНИЈА!
2. Непочитување на човековите права – поради стравот од непријатели и барањето за безбедност, се промовира идејата дека човековите права треба некогаш да бидат ограничени заради повисоки цели. Луѓето имаат обичај да гледаат настрана кога се случуваат акти на тортура, незаконски апсења, долги притвори и сл.
Според многу истражувања, периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, претставува период на стагнација, па дури и назадување во промоцијата и заштитата на човековите права и слободи.
Постојаното менување на законите и отсуството на независна судска власт доведуваат до хронична правна несигурност на граѓаните. Селективната заштита на правата и неказнетото повредување на правата на одредени групи станува вообичаено. Според најновите истражувања 78 отсто од анкетираните мислат дека во Македонија се дискриминира врз основа на политичка припадност.
Граѓаните кои ќе се побунат против некое решение на власта или ќе побараат одговорност и почитување на законите, стануваат жртви на организирана хајка во која земаат учество полицијата, обвинителството, редица државни институции и служби, дел од медиумите блиски на власта. Случаите на протестите во млекарата, шеќераната, на тутунарите, лозарите, стечајција, зборуваат за индивидуален и колективен притисок, за заплашување и казнување, кое треба да спречи било какво барање на права и правдина во иднина.
Нема независни тела за истражување на полициска бруталност. Судовите не донесуваат решенија со кои се утврдува незаконитост на полициско постапување. Не е разрешен ниту еден случај на смрт во затворите (сѐ до најбизарниот случај на самоубиство со давење во кофа). Во психијатриска установа може да се биде затворен со месеци и години без судско решение. Притворот се користи како облик на казнување, а стравот на луѓето ги спречува да реагираат дури и на многу очигледните прекршувања на нивните права и слободи.
3. Препознавање на непријатели како начин на унификација – луѓето се наведуваат на унифицирачка патриотска френезија како потреба за одбрана од елиминирање на заедничка закана.
Една од клучните карактеристики на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите неколку години е барањето за унифицирање на луѓето и идентификувањето како непријатели на сите кои не се согласуваат со актуелната политика, кои се спротиставуваат на одредени решенија, кои критикуваат или кои едноставно поставуваат прашања. Секој кој не ја споделува националистичко-патриотската еуфорија е етикетиран како предавник, а истоветноста на настапот се прикажува како највисока вредност.
Унификацијата и поделбата по линијата на патриоти и непатриоти се промовира во редица спотови на Владата, во изјавите на Премиерот и портпаролите на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ и од страна на одреден број новинари кои се задолжени токму со оваа задача.
ВЛАСТА СИ ИМА НОВИНАРИ – ПЛУКАЧИ!
4. Надреденост на војската – дури и кога постојат раширени внатрешни проблеми, на војската ѝ се дава непропорционално поголема сума пари. Војската и воената служба се гламуризираат.
Ова е единствена карактеристика која што не е забележливо изразена во Република Македонија и која што само посредно може да бидат третирана низ призмата на фашизмот преку: високите издвојувања за војската (несразмерни на економската сила на државата), издвојувањата поврзани со учеството на Македонија во составот на меѓународни мировни, но и агресорски војски (како што е интервенцијата во Ирак) и обидите за гламуризација на делови од војската (гардата на Претседателот на државата).
5. Неконтролиран сексизам – владите на фашистичките националисти се склони кон тоа да бидат ексклузивно машко-доминантни. Традиционалните родови улоги се потенцираат, а абортусот и хомосексуалноста се забрануваат. Државата се претставува како највисок заштитник на семејството.
Ова претставува најверојатно една од најзагрижувачките области. Имено, голем дел од активностите на ВМРО-ДПМНЕ се насочени кон враќање на традиционалните патријахални вредности кои ја сместуваат жената во домот, ја величаат нејзината репродуктивна функција и фактички ја оневозможуваат еднаквоста на жените и мажите во јавниот живот.
На последните локални избори за прв пат не е избрана ниту една жена градоначалник, разликата во паричните примања меѓу мажите и жените е подигната од 26 на 31 отсто, а на табелите на глобалната родова нееднаквост Македонија е падната во однос на 2006 година.
Власта е отворено против абортусот (финансира кампањи и поддржува иницијативи за забрана на абортусот) и е отворено против хомосексуалноста (до ниво на спротиставување на хармонизацијата на националната легислатива со ЕУ директивите и поддршка на промени на Уставот со кои ќе се забранат хомосексуални партнерства).
6. Контролирани медиуми – понекогаш директно од власта, а во други случаи индиректно со посебна регулатива, или со препознатливи раководни структури или извикани новинари блиски до власта.
Во последните неколку години Република Македонија континуирано назадува во однос на проценките за независноста на медиумите. МРТ наместо како јавен сервис се профилира во пропагандна машинерија на владеачката гарнитура, информирањето е партиски обоено, а дел од медиумите се под директна контрола на власта.
Слободата на информирање се ограничува, а медиумите кои ќе се осмелат да понудат поинакви информации или информации кои не се по воља на власта – се казнуваат. Власта стимулира работа на новинари-плукачи, кои се задолжени да го нападнат секој оној кој не е по воља на власта, односно, кои ја преплавуваат јавноста со дезинформации и полуинформации насочени кон дискредитација на „неподобни“ индивидуи и организации.
7. Опсесија со националната безбедност – стравот се користи како алатка за мотивирање од страна на власта во однос на граѓаните.
Граѓаните се под постојана пресија дека државата е опкружена со непријатели (стари и нови), дека кон неа се применуваат двојни стандарди (понеповолни споредено со други држави), дека и се поставуваат екстремно лоши барања и дека мора да се спротистави со сите сили на сите оние кои сакаат да ја приграбат, уништат и да и го одземат идентитетот.
Постојаната загрозеност од надворешен атак, но и стравот од надворешно влијание или вмешување се промовираат од страна на власта и се ставаат во функција на присилна унификација на граѓаните.
РЕЛИГИЈАТА КАКО АЛАТКА ЗА МАНИПУЛАЦИЈА
8. Религијата и власта се испреплетени – властите ја употребуваат најраширената религија како алатка за манипулација со јавното мнение. Религиозната реторика и терминологија се чести кај владините лидери дури и тогаш кога најголем број од религиозните постулати се дијаметрално спротивни на акциите на власта.
Заедно со сексизмот ова претставува една од најизразените карактеристики кои може да ја идентификуваат македонската држава како фашистичка. Имено, во последните неколку години религиозните великодостојници станаа дел од политичкото одлучување, присутни се во јавниот живот како рамноправни партнери на власта, ѝ даваат поддршка на власта во нејзините активности, а власта ја користи црквата за промоција на дел од своите ставови и за поддршка во одредени политички активности.
Религиозните великодостојници активно се вклучија и во патриотската френезија и почнаа јавно да истапуваат во врска со теми поврзани со името на државата, надворешната политика и внатрешниот уставен систем. Власта ја поддржува православната црква, ја става во привилегирана позиција во однос на останатите вероисповеди и се потпира на неа во борбата со хомосексуалноста, абортусот, слободата на уверување.
Припадноста на православната вероисповед станува позитивен критериум при кадровски решенија, вработување и кариерно напредување на државните службеници.
9. Корпоративната моќ се заштитува – индустриската и бизнис аристократија ги става на власт конкретни лидери со што создава заедничка бенефиција за односот власт-бизнис и создава елита на моќници.
Во власта се дел од најголемите бизнисмени кои стануваат недопирливи за законот и чија монополска позиција е заштитена од страна на власта.
10. Моќта на работниците е потисната – бидејќи организираната моќ на трудот е секогаш закана за власта, синдикатите или се елиминирани или потполно ставени под контрола.
Според сите истражувања направени во последните неколку години, синдикатите во Македонија немаат никаква тежина и се потполно надвор од можноста да влијаат. Работниците кои ќе се осмелат да го дигнат гласот се сурово казнети, а солидарноста на работниците во одбраната на заедничките интереси се минира со етикетирањето и со дезавуирање на нивните барања, кои се претставуваат како резултат на политички манипулации и интереси на опозиционите партии.
Во последните неколку години не е организиран ниту еден посериозен штрајк и не е постигнат ниту еден договор во кој било кој од синдикатите би се појавил како значаен фактор на одлучување и влијание.
11. Презир кон интелектуалците – фашистичките нации промовираат и толерираат отворено непријателство кон високото образование и академијата. Не ретко професорите се цензурирани, па дури и апсени. Слободата на изразување во уметноста е отворено атакувана.
Во стекнувањето на позиции и градењето на кариера образованието и искуството потполно се негираат, па дури се претставуваат и како негативен елемент. Хиперпродукција на универзитети придонесува да се намали квалитетот на наставата и да се зголеми манипулативната моќ на Владата во однос на државните универзитети и научни институции.
Новиот закон за високо образование е отворено насочен против автономијата на универзитетот (се предвидува потполна административна контрола на оценувањето, забрана на вработување на роднини до четврто колено, контрола над средствата на факултетите дури и тогаш кога станува збор за нивни сопствени средства).
Власта не дозволува дури ни учество на академската јавност во изработка на легислативата која што се однесува на универзитетот. Научните истражувања се заменуваат со политички диригирани, со што се уништува научниот потенцијал и се дезавуира значењето на било каква експертиза. Уметноста добива потполно партиска боја и е во функција на владеачката структура (парична или пропагандно-промотивна).
ОПСЕСИЈА СО КАЗНУВАЊЕ
12. Опсесија со криминалот и со казнувањето – под фашистички режим, на полицијата ѝ е дадена скоро бескрајна моќ да ги спроведува законите. Луѓето се спремни да ги пренебрегнат злоупотребите на полицијата во име на патриотизмот. Често има национални сили во полицијата кои имаат неограничена моќ.
Во последните години е драстично засилена казнената политика во Македонија (по обем и по силина на мерките). Во контекстот на селективната примена на правото и законите и скоро потполното загушување на независноста на судството (дури и со директни отпуштања) многубројните казни претставуваат постојана закана која виси над главата на секој граѓанин. Заканите се активираат во моментот кога граѓаните ќе се побунат или на било кој начин ќе се спротистават на власта.
Целокупниот инспекторски кадар е ставен во функција на заштита на владеачката структура. Сѐ почесто се гледа низ прсти на полициските прекршувања во име на гонење на криминалот (со повремено казнување на неистомислениците во овие структури), се фрагментира полицијата по линија на партиска припадност, се апсат голем број луѓе без доволно докази, се одредува мерка притвор за огромен број луѓе и се потенцира решеноста на власта да се избори со секое криминално делување (со очигледна неспремност да се примени законот во било кој случај на партиски истомисленици).
Со закон се концентрира неконтролирана власт во мал број раце (прислушкување, разузнување), а извршната власт добива скоро неограничена моќ над судството.
13. Неконтролиран непотизам и корупција– фашистичките режими скоро секогаш се предводени од групи на пријатели и соработници кои си се именуваат едни со други на владеачки позиции и ги употребуваат власта и авторитетот да ги заштитат нивните семејства од одговорност. Не е ретко во фашистичките режими националните ресурси и дури и банковните резерви да бидат искористени од страна на лидерите во власта.
Процесите започнати во претходниот период, во последните години добиваат енормно големи размери и едноставно, во последните години вработувањето и кариерното напредување потполно го заобиколуваат законот и се базираат единствено на поврзаноста со владеачката партија (како пример може да се наведат последните именувања за амбасадори каде што беше посочено дека именуваните не исполнуваат ниту еден од условите дадени во законот, меѓутоа тоа немаше никакво влијание врз нивното назначување).
На највисоки позиции во власта се поставуваат луѓе без никакво знаење и искуство (како прво вработување), се кумулираат функции во управувачки тела и неконтролирано се употребуваат и трошат парите на даночните обврзници.
За прв пат власта одби ревизорскиот извештај за Владата да биде разгледуван на собрание и изјави дека нашето собрание не е подготвено за таква расправа.
14. Малверзации со изборите – понекогаш изборите на фашистичките нации се потполн срам. Во други случаи тие се манипулирани со клеветнички кампањи на опонентите, употреба на легислативата за контролирање на гласачките бројки или соодветно кроење на изборните области, како и манипулација на медиумите. Вообичаено се користи судството за манипулирање или контрола на изборите.
Според извештаите од последните, но, и претходните изборни циклуси, во Македонија политичките партии не даваат отчет за потрошените пари за кампањи, се користат државните средства во изборната борба, се употребува изборен систем и територијална поделба кои гарантираат победа на одредена партија, се користат неажурирани избирачки списоци, се вршат закани врз вработените во администрацијата и нивните семејства. Изборите се претвораат во фарса на неконтролирано манифестирање на политичкото самоволие!
Тоа се 14-те карактеристики на фашизмот и случувањата во Македонија кои недвосмислено нѐ поврзуваат со нив. Јас одбивам да поверувам дека мојата држава е фашистичка. Меѓутоа, сметам дека секој од овие елементи треба сериозно да нѐ загрижи и да нѐ алертира, за да не дозволиме да ги повториме грешките на историјата и да се претвориме во историски анахронизам – држава која чекори наназад!