Во инервју за МИА, претседателот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски, вели дека примарен фокус во наредните три месеци на Владата ќе биде одговор на енергетската криза, која е резултат на глобалните движења. Веќе се подготвуваат сет на антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите.
-Подготвуваме сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Свесен сум колку се сите економски исцрпени од кризата предизвикана од Ковид пандемијата која сега се надоградува и со енергетската криза. Но, за тоа како Влада имаме одговор. Јас бев дел од тимот кој ги креираше антикризните мерки во пандемијата кои според ММФ беа одлично димензионирани и со кои заштитивме повеќе од 60.000 работни места. Како тогаш така и сега, веќе работиме на тоа да дефинираме мерки преку кои најефикасно ќе се алоцираат средствата за санација и поддршка онаму каде е најпотребно. Во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството, вели Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додава дека глобалната криза е шанса ние како држава да направиме енергетска транзиција за енергетска самостојност и само-одржливост.