Денеска во Скопје се одржа 13. Ерсте инвеститорски појадок, традиционален настан во организација на Шпаркасе Банка АД Скопје и Ерсте групацијата, кој повторно ги обедини претставниците на институциите, финансиските експерти, економските аналитичари и инвеститорската заедница. Настанот претставува платформа за размена на знаења, анализи и перспективи за актуелните економски движења, финансиските пазари и инвестициските можности. И годинава, програмата опфати актуелни теми од домашната и од меѓународната економија, со посебен акцент на монетарната политика, макроекономските перспективи на македонската економија, движењата на глобалните пазари и влијанието на геополитичките случувања врз регионалните финансиски текови.
Настанот го отвори г-ѓа Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, која во своето воведно обраќање ја истакна важноста на ваквите иницијативи за унапредување на знаењето, поттикнување на деловниот дијалог и поддршка на стабилен и одржлив економски развој.
„Веќе тринаесет години овој настан претставува значајна платформа за отворен дијалог, размена на знаења и споделување релевантни економски и пазарни согледувања. Нашата цел е да поврземе различни перспективи – од носителите на економските политики и монетарните институции, до водечките финансиски експерти и инвеститори, за да ги анализираме заеднички предизвиците, да ги разбереме трендовите и да ги согледаме можностите што ги носи периодот пред нас. Особено во време на глобална неизвесност и динамични промени, ваквиот дијалог е важен предуслов за носење информирани и одговорни деловни и инвестициски одлуки.
Актуелните случувања дополнително нè потсетуваат дека за стабилна економија е неопходен стабилен и отпорен банкарски сектор, способен да одговори и на предизвиците што не можат секогаш однапред да се предвидат. Во тој контекст, Шпаркасе Банка останува посветена на одговорно работење, внимателно управување со ризиците и одржување на довербата на клиентите“, изјави Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

На настанот, покрај претставниците на Шпаркасе Банка, учествуваа претставници на институциите и експерти од Ерсте групацијата и од регионот. Воведно обраќање пред присутните имаше г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска од Министерството за финансии на Република Северна Македонија, која се осврна на актуелните економски политики и на финансиските предизвици на земјата. Во делот посветен на македонската економија, г-ѓа Султанија Бојчева Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, отвори дискусија за актуелните монетарни политики и макроекономски движења и перспективи во земјата.
Глобалните финансиски пазари беа во фокусот на презентацијата на г. Рајнер Сингер, раководител на секторот за истражување на главните пазари и кредитни анализи во Ерсте групацијата, кој говореше за најзначајните пазарни трендови и случувања. На регионално ниво, г. Мате Јелиќ, главен аналитичар во Ерсте и Штаермеркише Банка, се осврна на влијанието на геополитичките конфликти и на зголемените глобални тензии врз финансиските пазари во Централна и Југоисточна Европа, анализирајќи ги економските последици, пазарните неизвесности и предизвиците со кои се соочува регионот.
Посебен акцент беше ставен и на финансиското однесување и на начинот на кој луѓето донесуваат одлуки поврзани со парите. Во својата презентација „Необичните работи што ги правиме со парите“, г. Тамаш Наѓ, раководител на управување со производи за хартии од вредност во Ерсте и Штаермеркише Банка и претседател на Здружението за пазари на капитал при Хрватската стопанска комора, се осврна на психологијата на парите, на финансиските навики и на однесувањата што често влијаат врз начинот на кој размислуваме, штедиме и инвестираме. Преку поинаков пристап кон финансиските одлуки, тој отвори прашања за тоа како личните убедувања, емоциите и секојдневните навики влијаат врз нашиот однос кон парите и инвестирањето.
Тринаесеттиот Ерсте инвеститорски појадок уште еднаш ја потврди важноста на континуираниот дијалог и размената на експертиза меѓу финансиските институции, носителите на економските политики и инвеститорската заедница. Преку ваквите иницијативи, Шпаркасе Банка АД Скопје и Ерсте групацијата, продолжуваат да создаваат простор за информирани дискусии, нови перспективи и подобро разбирање на економските и на инвестициските трендови.
Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте групацијата, со традиција долга повеќе од 200 години, остануваат посветени на финансиската стабилност, на долгорочните партнерства и на поддршката на клиентите низ Централна и Источна Европа.
Шпаркасе Банка ги поддржува локалните инвеститори и нуди услуги за тргување со хартии од вредност на домашни и на странски пазари и во моментов Банката има највисоко пазарно учество од 37 % во делот на тргување на странски пазари.
